Јотова ги одликуваше пожарникарите кои учествуваа во спасувачката акција по големата сообраќајна несреќа во Софија
Претседателката Илијана Јотова им го додели Почесниот знак на претседателот на четворицата пожарникари кои учествуваа во спасувачките акции по сообраќајната несреќа на улицата „Челопешки пат“ во Софија, јавува БТА. Одликувани беа Тодор Јорданов, Благој Благоев, Данаил Влахов и Петко Врбин од единицата „Противпожарна безбедност и заштита на населението“ во Кремиковци.
„Не се двоумевте први да пристигнете на местото на трагедијата за да им помогнете на луѓето и да спречите уште поголема трагедија. Многу често ќе го слушате зборот ‘херои’, а вие искрено го заслужувате“, изјави Јотова.
Таа нагласи дека општеството има долг кон пожарникарите и истакна дека нивната работа треба да биде пример за сите. Според неа, трагедијата ги покажала сериозните пропусти во воспитувањето и образованието, како и чувството на неказнивост кај дел од граѓаните. Јотова порача дека „врз виновните треба да се примени целата тежина на законот “.
Во име на одликуваните, Тодор Јорданов изјави дека кога е загрозен човечки живот, секој треба да го даде својот максимум за да им помогне на оние на кои им е потребна помош.
БТА потсетува дека четворицата пожарникари претходно беа наградени и од министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, а добија и колективна парична награда од 1.230 евра за покажаната храброст и пожртвуваност при спасувањето човечки животи.
