Јотова ќе го додели првиот мандат за влада на „Прогресивна Бугарија“
Претседателката на Бугарија Илијана Јотова на 7 мај во 17 часот ќе ѝ го додели првиот мандат за состав на влада на „Прогресивна Бугарија“, најголемата политичка сила во 52-то Народно собрание, јавува БГНЕС.
„Имам уверување од првата политичка сила дека ќе дојде со исполнет мандат“, изјави Јотова по консултациите со парламентарно претставените партии.
Таа изрази надеж дека составот на предложената влада ќе биде изгласан уште во петок и дека новата бугарска влада ќе почне со работа следната недела.
Според Јотова, сите партии дошле на консултациите со подготвени законодавни програми. Како заеднички приоритети биле посочени усвојувањето на шестмесечен државен буџет за справување со инфлацијата и поддршка на најранливите категории, без зголемување на даноците, како и обезбедување средства од Националниот план за закрепнување и отпорност.
Реформата во судскиот систем е втор главен приоритет, при што, според Јотова, постои согласност дека првиот чекор треба да биде избор на нов состав на Високиот судски совет според јасни и транспарентни критериуми.

