| |

Јотова: Не смее да се дозволи преговарање на веќе донесени европски одлуки за РС Македонија

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, реагираше по повод скандалот поврзан со одложувањето на извештајот за напредокот на Република Северна Македонија во преговорите за членство во Европската унија, пренесува БГНЕС.

Јотова изјави дека бугарскиот премиер и владата „треба итно да воспостават контакти со еврокомесарот за проширување и со раководството на Европскиот парламент, за да се разјасни целата ситуација и да се спречат какви било обиди за преговарање на веќе донесени одлуки.“

Таа ги поздрави бугарските европратеници за сигналот испратен до претседателката на ЕП, Роберта Мецола, во кој се алармира за „протекување на информации, лобирање и добивање доверливи податоци од Комисијата за надворешна политика на ЕП од страна на трета земја“. Според Јотова, „ова е голем скандал за Европскиот парламент“ и повика да се размисли и за смена на актуелниот известувач, посочувајќи дека имало и други слични случаи во минатото.

Јотова изрази загриженост и поради, како што рече, „обиди од страна на еврокомесарот за проширување Марта Кос да се заобиколат веќе прифатените европски одлуки за започнување на преговорите со Северна Македонија.“

„Францускиот компромис и протоколите кон него се европски документи, а не билатерални. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е составен дел од тие документи и не смее ниту да се менува, ниту да се заобиколува“, нагласи Јотова.

Дополнително, таа изрази сериозна загриженост поради сѐ погласните барања во ЕУ дел од одлуките, вклучително и оние поврзани со проширувањето, да не се носат со едногласност, туку со квалификувано мнозинство.

Слични Објави