| |

Јотова: Во областа на високите технологии Бугарија има можност да ги преточи талентот и научниот потенцијал во производи со додадена вредност

Бугарија ги има сите предуслови да ја надмине улогата на пасивен корисник на новите технологии, активно да учествува во нивното создавање и развој и во следните години да стане технолошки лидер во овој дел од Европа. Бугарија го има својот адут и треба мудро да го искористи – талентот на своите луѓе да го преточи во производи со висока додадена вредност, научниот потенцијал во деловни потфати, а инфраструктурата во конкурентска предност. Прописите, пак, треба да создадат средина во која владее доверба. Ова го изјави бугарската претседателка Илијана Јотова на отворањето на форумот „AI EXPO Bulgaria 2026“. Настанот е целосно посветен на примената на вештачката интелигенција, а на него учествуваат меѓународни предавачи и претставници на државните институции, научната заедница и технолошкиот сектор.

Пред гостите на форумот Јотова се осврна на предностите и достигнувањата на Бугарија во областа на високите технологии. Таа ги оцени како повод за национална гордост и како успешни вложувања во знаењето, иновациите и иднината на земјата.

Јотова истакна дека Бугарија веќе е дел од европската стратешка инфраструктура за вештачка интелигенција и дека вложува значителни национални и европски средства. Земјата располага и со научен капацитет, меѓу другото и благодарение на институтот INSAIT, кој таа го вброи меѓу најзначајните достигнувања на современа Бугарија во областа на високите технологии. Според Јотова, од особено значење е и изградбата на бугарската фабрика за вештачка интелигенција BRAIN++. Проектот, вреден околу 90 милиони евра, ќе обезбеди современа компјутерска инфраструктура за научни истражувања, за стопанството и за јавниот сектор. Тој ќе го поддржи професионалниот развој на младите бугарски научници и ќе помогне талентираните луѓе да останат во земјата.

Според Јотова, Бугарија уште сега може да ја користи вештачката интелигенција за решавање конкретни проблеми во индустријата, здравството, образованието, финансиите и администрацијата, како и во малите и средните претпријатија, кои се столбот на бугарската и на европската економија. Таа посочи дека тешко може да се очекува компаниите да бидат подготвени за новата технолошка реалност додека институциите сè уште ги развиваат механизмите за нејзино регулирање. За да го искористи својот потенцијал, на Бугарија ѝ се потребни долгорочна национална визија, вложувања во знаења и вештини и стратешко партнерство меѓу државата, научната заедница и претприемачите, рече Јотова.

Во обраќањето пред учесниците на форумот, Јотова посебно се осврна на влијанието на високите технологии врз животот на луѓето, особено врз развојот на децата.

„Човекот, неговата слобода, безбедност и благосостојба треба да останат во средиштето на технолошките промени. Технологиите можат да го забрзаат развојот, но човечките вредности и разумот треба да ја одредуваат неговата насока“, рече Јотова.

Претседателката повика на одговорност кон децата при воведувањето на новите технологии. Таа праша дали родителите би биле спокојни доколку играчка со вештачка интелигенција ги насочува и ги советува нивните деца и го заменува родителското внимание.

Според неа, потребна е национална платформа за примена на вештачката интелигенција во сите области. Посебно внимание треба да им се посвети на децата во Бугарија. Во училиштата треба да се предвидат обуки и за учениците и за наставниците за тоа како да се користи вештачката интелигенција, за децата да не се претворат во клонови на високите технологии.

Јотова посочи дека за процена на ризиците и придобивките од вештачката интелигенција е доволно да се примени начелото што ни го оставил Хипократ – пред сè, не наштетувај.

„И денес, за секоја технологија, секоја постапка или секое непостапување, треба да се водиме според проверен морален компас, стар колку и човештвото. Дали тоа им користи на сите луѓе или само на одреден поединец или група? Дали го чува човечкото достоинство? Дали отвора нови хоризонти кон светот во кој сакаме да живееме?“, рече таа.

Во однос на регулативата, Јотова истакна дека главното прашање е дали можеме да го заштитиме човекот без да го ограничиме напредокот. Таа посочи дека пред две години Европската Унија направила историски чекор постигнувајќи согласност за сеопфатна регулаторна рамка за вештачката интелигенција. Со тоа, рече таа, Унијата покажала дека човекот, неговите права и неговата безбедност ги става во средиштето на развојот.

Јотова предупреди и на ризикот Европа да стане континентот што најдобро ја регулира вештачката интелигенција, а да не биде меѓу оние што ја создаваат. Таа ги посочи европските компании кои веќе предупредуваат дека новите правила се сложени и тешки за спроведување, како и експертите кои прашуваат дали институциите и компаниите се доволно подготвени да ги применуваат.

„Ние, Европејците, не успеваме да ги одредуваме трендовите, па мораме да ги стигнуваме и да им се приспособуваме. А бидејќи други го диктираат темпото во оваа голема трка, ми се чини дека сè повеќе ни снемува здив за да останеме во неа“, рече Јотова.

Таа нагласи дека на Европа ѝ е потребно силно стратешко лидерство кое ќе одговори на потребите и можностите на луѓето и ќе ги брани нивните интереси, европската независност, па дури и самиот опстанок на Европа.

Слични Објави