|

Касами: Владата со незаконска одлука училишен објект дава на трајно користење на Катастар

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами на прес-конференција информираше дека ќе ја тужи Владата за незаконска одлука и решение со кое една од зградите од училишниот комплекс познат како Стара медицина се дава на трајно користење на Агенцијата за катастар на недвижности. Касами посочи дека Владата со оваа одлука го прекршила и Законот за основно и средно образование, но и оти за како Општина воопшто не биле консултирани.

–Во 2004 година беа направени измени во Законот за средно образование, со кои сопственоста и недвижниот имот на средните училишта се пренесува на локалната самоуправа, односно на општините. Во член 112 став 1 од Законот за средно образование се вели: Сопственоста на училишните објекти и имотот на средните училишта, од став 1 на овој член, со одлука на Владата ја презема општината. Со оваа одлука, Владата Ковачевски-Ахмети не само што го прекрши Законот за средно образование, туку ги погазува и одлуките на самата Влада. Незаконска владина одлука со единствена цел-да се нанесе штета на образованиот процес во Тетово, посочи Касами.

Тој побара Владата итно да ја преиспита оваа одлука, објаснувајќи дека зградата на медицинското училиште може да се користи исклучиво за образовни цели, а никако за друга намена и за лична корист. Според Касами, Владата на овој начин продолжува да и штети на Општина Тетово.

-Како да не беше доволно целосното запоставување и негрижа од страна на Владата за поплавите и штетите од невремето изминативе денови, Тетово повторно се соочува со злобна и нелогична одлука на Владата на Ковачевски и ДУИ. За жал, власта, поточно ДУИ, не може да прифати тоа што граѓаните на Тетово ја осудија за злобната и одмаздничка политика што ја води кон Тетово и неговите граѓани. Надвор од секоја здрава логика, СДСМ и ДУИ продолжуваат со реваншизмот кон Тетово и тетовци. На одмазднички начин, Артан Груби потпишал одлука, со која старата зграда на медицинскиот училишен центар се дава на трајно користење на Катастарот на Тетово. Како што може да се види, со оваа одлука, овој објект без потреба и без никаква предходна консултација, се дава на користење на Катастарот. Оваа одлука ја оценуваме како самоволна и како одмазда со казнување на образованиот процес и учениците од Тетово, знаејќи дека во овој објект се држи настава, рече Касами.

Наместо Владата да нуди инвестиции за зголемување на просторниот капацитет за учење и создавање подобри услови за учениците, таа го прави спротивното, одзема простории, само за да ја задоволи загубата на функционерите на ДУИ, смета Касами.

–Оваа одлука е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовските средношколци и да создава непотребни проблеми, и тоа во време кога образованието во Тетово има потреба од модернизација и просторно проширување. Со оваа одлука на Владата на СДСМ и ДУИ, директно страдаат учениците, оневозможувајќи да имаат основни услови за образување. Ова е удар и за образовната историја во Тетово воопшто, знаејќи дека токму од оваа зграда излегуваа успешни генерации ученици дури и во најтешките времиња за градот. Оваа одлука е одлука на срам и одмазда, одлука за која не се размислувало ниту во најлошите времиња за Тетово, истакна Касами.

Во објектите на Стара медицина се одвива настава на паралелките по македонски јазик при гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Касами рече дека учениците и покрај оваа состојба ќе ја почнат новата учебна година.

Слични Објави