ЌЕ УСПЕЕ ЛИ РАБОТНИЧКИ ПО 14 МЕЧА БЕЗ ТРИУМФ ДА ЈА ОСТВАРИ НАЈСЛАТКАТА ПОБЕДА СО ШКЕНДИЈА?

/

Три сезони вториот најтрофеен македонски клуб Работнички не стигнал до финале во Купот на Македонија, па денеска (14 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“ има шанса со елиминација на главниот фаворит за трофејот Шкендија да го направи првиот голем исчекор кон меч за трофејот, но и за излез во Европа, ако успее најмалку да одигра реми без голови или пак минимално да победи.

Во најинтересната пресметка помеѓу два бивши шампиони и освојувачи на Купот, Работнички ќе се обиде да го искористи голот предност и ремито 1-1 од Тетово во декември лани, за да ја исфрли Шкендија од трка за еден трофеј, ама за такво нешто ќе треба избраниците на Ратко Достаниќ да одиграат веројатно уште подобро од тоа што го одиграа во саботата во соседското дерби со Вардар (0-0).

Веќе 14 меча во низа или скоро три години, Работнички не знае за победа против Шкендија, ни на свој терен, а уште помалку на гостувања, па оттаму тетовци доаѓаат како фаворити за да стигнат до полуфинале и шанса за нов пехар, кој го немаат освоено од пред две години кога славеа против Пелистер во Струмиса со 3-0.

„Ова е важен меч за нас, зашто Шкендија е подготвена да игра на сите фронтови, а од денеска до 21 март имаме постојан ритам на меч на три дена, па сметајќи и на остварување на целите постојано ќе ротираме за да имаме свежи играчи за секој предизвик“, вели Ернст Ѓока, тренерот на тетовци.

Работнички има шанса за полуфинале, ама Купот, полесниот пат кон Европа не се приоритет и сето тоа уште после Вардар го призна тренерот Достаниќ.

„Наша цел е опстанок, а сè над тоа – луксуз. Целта е да се спасиме и не ми се допаѓа тоа што го слушам од првиот ден за Европа, Купот… Ови седум бода од првите три кола се голем психолошки подстрек за нас, но треба уште повеќе да веруваме во самите себе. Не сакам да зборуваме глупости за некаква Европа. Ќе дадеме сè, ако поминеме браво, но приоритет е опстанокот“, вели Достаниќ.

Во сенка на овој меч остануваат останатите три, иако ниту еден од нив не е помалку интересен од дербито на Арената во реванш четвртфиналињата. Актуелниот бранител на трофејот Академија Пандев го дочекува Шкупи со предност од 1-0 од Чаир, а двата тима направија шок-терапија по лошиот старт на пролетта и со нови привремени тренери ќе се соочат. Тони Ангелов кај струмичани, а икапитенот Муарем Бајрами кај чаирчани. Ако се суди според минатите мечеви, Шкупи знаел да ја освои Струмица, двапати победил и тоа со резултати кои во случајов би ги однел во полудиналето (2-0, 2-1), па затоа пандевци ќе мора да одиграат на ниво за да обезбедат трето полуфинале во низа и да останат во трка за одбрана на трофејот.

Лабуништа ја пречекува амбициозната Брегалница и ќе брка негатива од 0-1 од штипскиот пораз, додека Ренова во Тетово со актувни 0-0 ја пречекува Струга Трим Лум. Тетовци пред две недели во првенството ги победија стружани со 2-0, ама сега овој меч е нова приказна и нема сомнение дека израниците на Јетон Беќири ќе бараат начин за да обезбедат историско полуфинале, иако според формата „тетовци“ моментно се во поголема предност.



КУП НА МАКЕДОНИЈА, РЕВАНШ ЧЕТВРТФИНАЛЕ (14 ЧАСОТ)

Струмица: Академија Пандев – Шкупи (1-0, Крумислав Ѓорѓиев)

Тетово: Ренова – Струга Трим Лум (0-0, Димитар Мечкаровски)

Скопје: Работнички – Шкендија (1-1, Васко Мавров)

Струга: Лабуништа – Брегалница (0-1, Стојанче Трпчевски)

  • резултатите се од првите мечеви играни во декември 2019 година

Извор: Спорт1



Претходна статија

(ВИДЕО) КОЛЕВ КОН ПЕТРОВ: КАКО НЕ ВИ Е СРАМ ДА ГИ ЕТИКЕТИРАТЕ ЛУЃЕТО ШТО ЗEМАЛЕ БУГАРСКИ ПАСОШ ЗА ДА СИ ГИ ПРЕХРАНАТ ДЕЦАТА

Следна статија

АМЕРИКАНЦИТЕ ГИ БОМБАРДИРАА ТАЛИБАНСКИТЕ ПОЗИЦИИ, ЗАГРОЗЕН МИРОВНИОТ ПРОЦЕС

Најново од Вести