Колонизирање на граѓаните
Никица Корубин
Основниот постулат на независноста, сувереноста и самостојноста на една држава е менталитетот за слобода на граѓаните. И тоа, покрај тоа што е фактичка правна и политичка категорија, е подеднакво и ментална и психолошка категорија. Изворно, треба да сакаш да бидеш слободен, за да бидеш слободен. И тоа е историска потврдена реалност, која го создава континуитет и ја обликува сегашноста.
И токму затоа, историскиот наратив треба да е верен на фактите, затоа што токму тие се елементарната почит кон предците и претходниците, како меморија, но и како темел на она што денес е значењето на демократска држава, со уставна поставеност на јасна диференцијација и субординација на “трите власти”.
Во која уставна поставеност “суверенитетот произлегува од граѓаните” кои што “власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници”. Па, иако теоретски слободата на граѓаните и нивното постоење како такви – со статус на граѓани, од кои произлегуваат сите права (и обврски) – е самата власт која се пренесува на избраните и именувани претставници, кои во точно одреден мандат и со точно одредени правила управуваат со државата во име на граѓаните; дали всушност таа “слобода”е најголемиот проблем? Иманентно слободата како таква, но и ефектите од таа слобода?
Последниот пример со Изборниот законик, и инсистирањето дијаспората да добие максимално олеснети околности за гласање, е всушност само уште еден во низата примери и постапки на јасно фаворизирање и (зло)употреба на “нашинците” надвор на сметка на “граѓаните” внатре.
Иако, правно-технички граѓани се сите оние кои се носители на македонски документи, терминот граѓани се подразбира и применува за сите оние кои живеат тука, наспроти дијаспората која живее надвор од државата. И која добива речиси митски карактер. Особено оние “нашинци” кои воопшто и не се дијаспора.
Но, она што е интересно е што “грижата”, најпрво за “нашинците”, а потоа и за “дијаспората” стануваат алатка за блокада или супституирање на функционалноста на системот внатре за граѓаните кои живеат со него и од него.
Граѓани кои својата слобода имаат право и можност да ја користат на начин, кој очигледно не е доволно допадлив за властите избрани од нив, па никако не може да ја заслужат “љубовта, почитта и заштитата” која ја уживаат неколку десетина “нашинци” или десетици и стотици илјади дијаспора која максимално ја искористила истата слобода за да избега од истиот (анти)систем на властите на “заробената држава” кои сега толку многу се “грижат” за нив.
И така граѓаните внатре всушност се двојно заробени. Од самиот нефункционален систем продуциран систематски од “заробеното општество” кое функционира преку “заробената држава”, чиј последен потег е масовна не-излезност на избори (каде инаку се пренесува сопствената власт врз пратениците, а од нив и на министрите); а сега и од “нашинците” и од “дијаспората”.
Метафорички, како изговор на наша сметка и спротивно на уставот (“републиката нема да се меша во суверените права на другите држави и во нивните внатрешни работи”), четири години трае фактичката (авто)блокадата на обврските на државата од преговарачката рамка; како и сегашното (проблематично) внесување во јавниот дискурс на реалната дијаспора.
И единствени кои не ја добиваат “грижата” согласно сопствениот устав, единствени кои се “казнети” за слободата која сакаат да ја практикуваат, единствени кои се константно изложени на идентитетско/култоролошки инжињеринг на “преиспитување и сомнеж” во личниот и етничкиот идентитет, единствени кои се исцрпени од систематското и длабинско (зло)употребување на институциите на системот и меѓународните договори кои гарантираат функционалност и стабилност на државата – сме ние “резидентните” граѓани.
И оваа “казна” во колонијален манир, со ефект и чувство на “намесништво” наместо на изворно од сите нас произлезено управување, е “културолошката тајна” на суштината на системот на “заробеното општество”. Кои сопствените граѓани ги третира како поданици, а не слободни индивидуалци. И токму тој три и пол децениски третман, дава други димензии на “грижата” кон дијаспората која се чини со прилична “леснотија и среќа” е пуштена тоа да стане.
И во барањето на идеалниот “баланс” помеѓу “не премногу”, ама “не ни премалку” слободни граѓани кои имаат право да бираат; доаѓаме до кулминацијата на (не)свесно водената “заробена држава” – што треба да “се изменаџира” граѓаните или територијата? Затоа што инсистирањето на “нашинци” и “дијаспора” наспроти “заробување” на граѓаните, хипотетички може да означува во блиска или далечна иднина повеќе или помалку “празна територија”.
Како ултимативна “казна” за “суверенитетот кој произлегува од граѓаните” во демократското општество какво што мора да остане нашето. За конечно “нашинците” да бидеме ние самите, бидејќи нели цело време за нас и нашиот идентитет се работи?

