|

Комисијата против дискриминација: Среќен 8 Март? Земјоделките без платено породилно отсуство

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација оваа година, на чествувањето на Меѓународниот ден на жената,  информираше за донесено мислење со кое се утврдува индиректна, продолжена, интерсецкиска дискриминација врз индивидуалните земјоделки – осигуренички, врз основа на пол, род, личен статус и припадност на маргинализирана група во остварување на правото од областа на здравственото осигурување – право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.

Постапката беше иницирана по поднесена претставка од Мрежата за заштита од дискриминација и ЛАГ Агро Лидер, а како дискриминатор во случајот се утврдува Министерството за здравство на Република Северна Македонија, како предлагач на Законот за здравственото осигурување.

Со цел решавање на овој системски проблем, Комисијата, на Министерството за здравство, му препорачува да подготви измени и дополнувања во Законот за здравствено осигурување, така што ќе предвиди право на надоместок за време на привремена спреченост за вршење на земјоделската дејност поради бременост, раѓање и мајчинство за индивидуалните земјоделки, како здравствени осигуренички.

Платеното породилно отсуство претставува клучно социјално право на жените, предвидено со Уставот и со меѓународните договори, па оттука, државата има обврска да го обезбеди ова право за сите жени осигуренички, без исклучок.

Во 2022 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапуваше по вкупно 65 претставки во кои пријавените основи за дискриминација се полот и/или родот, а по 22 од овие претставки, Комисијата утврди дискриминација врз основа на пол и/или род. Овие податоци само ја нагласуваат континуираната потреба, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да игра важна улога во промовирањето на половата и родовата еднаквост и борбата против дискриминација врз жените, особено жените од маргинализираните групи.

„Со оваа порака ја нагласуваме тековната борба за родова еднаквост и потребата за справување со системската дискриминација врз жените во сите општествени области. Од друга страна, со подигање на свеста за овие прашања се стремиме кон градење на поправедно и порамноправно општество за сите.

Нека оваа објава послужи како потсетник за нужноста од активна и реална, а не само декларативна заложба од сите државни институции и активни чинители во борбата за родова еднаквост и важноста од поддршката и зајакнувањето на жените во сите општествени области од животот“, велат од Комисијата.

Слични Објави