| |

Комунистички ракопис

Facebook статус на Никица Корубин

Комунистичката или тоталитарна свест, иако сме формално парламентарна демократија со слободен пазар во уставната република, никогаш не излегла од матрицата на севкупната политика кај нас. И токму таа тоталитарна свест е доминантната сила на заробеното општество, кое беше формално-правно дефинирано како “заробената држава” на Рајнахард Прибе.

Иако, тоталитарната свест најсликовито е присутна кај функционирањето на партиите (партократијата) и нивното брутално наметнување и навлегување во институциите на системот; суштинскиот комунизам или неговите реминисценции, всушност се во финансиите на државата и економијата, и нивното перцепирање кај секој поединец. Од “наши пари” до “пари за секого подеднакво”.

Па, оттаму најновата увезена, брзоширечка пропаганда, за бојкот на ланците на супер маркети, а всушност цела слободна трговија (ресторани, трговски центри, бензиски пумпи, продавници); во Хрватска веќе поприма класични анти-западни и анти-американски елементи, со отворен повик за бојкотирање на конкретни производи (кока-кола и други газирани и негазирани брендирани пијалоци). Со што директно го компромитира социјалниот аспект и како да ја разоткрива оваа, се чини, добро организирана (југо-носталгична) агенда со напад врз логиката на пазарната економија.

И всушност, на емотивно-социјален аспект (инфлација, високо цени, финансиска неизвесност), во услови на војна на тлото на Европа, но и на сериозните санкции на американската администрација кон руските енергенси и можното ценовно стабилизирање; лесно е да се таргетира целиот снабдувачки ланец на основните продукти на релативно сиромашни или ниско-средни општества, какви што се всушност земјите од Западен Балкан. И за тоа (ин)директно да се обвини “трулиот запад”, а не слабите економии на самите земји, како резултат на лошо политичко управување.

Но, каков всушност државен интервенционизам се бара во слободна пазарна економија, каде динамиката на реална потрошувачка, ја диктира и самата цена (покрај државниот систем на даноци и ограничувања)? Самиот чин на избор на повеќе снабдувачи, го диктира и изборот на потрошувачка на нас како индивидуалци.

Дали ќе купуваме или не, е наш избор и можност, но како тоа сите производи би требало да бидат достапни за сите, по иста (ниска) цена? Која е пазарната логика? Иста ли е со постојаното барање на администрацијата за повисоки плати, за “еднаквост со оние на функционерите”? Или сублимирано кажано: државната администрација наградена, со парите од приватниот сектор кој ќе биде казнет, затоа што ги обезбедува “нашите пари”. А, со целиот систем на економија (производство/потрошувачка) и сите популистичко-пропагандни механизми (субвенции), никој сериозно и се занимава.

Овие класични “урамниловки”, селективно вадени од меморијата на поранешна Југославија, каде сите замислено сме исти по правата, а обврските се небитни, е најсистематското уништување на менталитетот на граѓаните и константно преиспитување на функционалноста на државата и системот.

Само што проблемот е што ниту тогаш сите биле исти, а тие што тогаш биле политички позиционирани и моќни, со истата комунистичка свест, го проектираат тоталитаризмот во формалната демократија и сега. Тоа знаат, тоа го прават, како да се изигра овој “политички товар” – парламентарна демократија и слободниот пазар. Еднаш комунисти, еднаш демократи, се’ по потреба. Тоталитарна демократија. Резултатот е овој Франкештајн систем, каде одговорноста и обврските се секогаш за другиот.

И бидејќи никогаш ништо не е случајно, во сферата на пост-југословенизмот, интересно е каде овој бојкот ќе не’ одведе. Каде треба да не’ одведе генералниот повик за “казна за сите” со амнестија на политичкото управување и кој треба да биде таргетиран од целиот “куп”? Кој е непожелниот, политички или економски, сеедно? А, кој е пожелниот, последователно на тоа? Ако ништо друго, подобноста и неподобноста е par excellance комунистички манир. А, ние земја кандидат за ЕУ, каде слободата е пред се’. Слобода на мисла, слобода на говор, слобода на пазар.



Слични Објави