| |

Корубин за случајот „Перев“: Етнички мотивираните напади се „вина“ на сите кои константно креираат „анти-наративи“ преку масовна медиумска пропаганда

„Не постои таков напад или било каква форма на насилство, кој може да остане декларативно неосуден од страна на било кој јавен функционер, а фактичкото постапување на надлежните институции се подразбира. И тука не станува збор само за однос кон мотивот, туку за елементарно владеење на правото и заштита на секој наш граѓанин. И токму затоа одговорноста за секој јавно изречен збор, на секој избран или именуван функционер или било која влијателна фигура, е таа која го креира наративот и атмосферата во општеството, кое ги обликува и води политичките и сите други процеси“ – вели во разговор за „Локално“, политичката аналитичарка и поранешна пратеничка, Никица Корубин за случајот со нападот врз екс-новинарот Владимир Перев кој се декларира како Бугарин, ставот од официјалните власти во Софија и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.

Според неа, ниту едно ширење на вербален антагонизам, константно и упорно, “спакуван” во „одбрана на идентитетот“ не може да води кон хуманост и хармонија; туку може да води само кон аверзија и предрасуди. Бидејќи, како што додава, и тој „идентитет треба да се брани“ во цивилизирано општество, а не во општество на вербално и физичко насилство.

Корубин вели дека мотивот на нападот го открива истрагата, на институции кои мора професионално и независно да постапуваат, а не премиерот.

„И не е битна „самосвеста или чувството“, туку еднаквоста на сите граѓани пред законот. Без разлика дали станува збор за наши сограѓани Бугари, Албанци или Македонци. Етнички мотивираните напади се „вина“ на сите кои константно креираат “анти-наративи” (анти-ЕУ, анти-албански, анти-бугарски, анти-грчки), преку масовна медиумска пропаганда и речиси квази-идеолошка индоктринација која во реалниот живот може само да продуцира непотребно насилство“, констатира соговорничката.

Објаснува дека станува збор за нашето општество и за нашите животи, кое доколку итно не се интегрира во ЕУ, ризикува да стане затворено општество на делузии.

„Вака ли изгледа во пракса „ЕУ ќе ја донесеме дома“? И тоа е прашање за сите кои од различни позииции и со слични мотиви, четири години, активно и пасивно ги блокираат и денунцираат уставните измени и Преговарачката рамка, со де-факто одбивање на активна реформа на општеството и подобрување на системот во кој сите живееме; преку механизмите на самиот процес на преговарање со ЕУ“, децидна е Корубин.

Слични Објави