|

Костадиновски најави засилен судски активизам: Ќе поведуваме постапки и ако нешто побуди интерес кај јавноста или сомнеж кај нас, седниците ќе се пренесуваат во живо

Со пренесување во живо на седниците на Уставниот суд, оживување на атрофираната функција на судот за поведување постапки по сопствена иницијатива, засилен судски активизам, воведување на уставна тужба и уставна жалба и донесување закон кој ќе ја гарантира самостојноста и независноста на уставниот суд, новиот претседател на судот, Дарко Костадиновски ќе ја враќа довербата на граѓаните во институциите и во правниот систем.  За него приоритет над сите приоритети ќе биде враќањето на довербата оти е на историски најниско ново.

„За остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори, повеќе би ги нарекол предизвици. Прв е бескомпромисноста во обезбедувањето на самостојноста и независноста на Уставниот суд. Втор ќе биде мојата бескомпромисност во обидите за какви било политички, или од каква било друга природа, влијанија врз судот или врз уставните судии. Уставната и правната култура ќе биде високо на мојата агенда. Судскиот активизам, односно оживување на една наша атрофирана функција, поведување постапки на сопствена иницијатива исто така ќе биде високо на мојата агенда. Транспарентноста и отвореноста на судот кон јавноста ќе продолжи и она што планирам да го направам во мојот мандат ќе биде поинтензивна соработка и поголема присутност на науката во Уставниот суд“, најави новиот претседател на Уставниот суд, Костадиновски.

Тој потсети дека од 1991 година, односно од донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија, Уставниот суд е најнереформираната институција во системот во поглед на правната рамка од каде ги црпе надлежностите.

„ Уставниот суд ја црпе својата надлежност директно од Уставот и од актот на судот, но се поставува прашањето дали ваквата статус скво состојба во поглед на правната рамка е добра и кому му одговара да продолжи. Тука се надоврзува и прашањето дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Во таа смисла во наредниот период со сите релевантни фактори и чинители во општеството ќе разговарам за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување уставен основ за донесување закон со кој ќе се операционализираат уставните одредби за Уставниот суд. И тоа не каков било закон, моето инсистирање е да биде системски закон затоа што тоа е начинот на кој ќе се гарантира самостојноста и независноста на Уставниот суд“, објасни Костадиновски.

Ќе продолжи со настојувањето на сите негови претходници за зголемување на обемот на заштита на слободите и правата на граѓаните и воведување на уставната тужба и уставната жалба, но повика и граѓаните да го почитуваат и штитат Уставот.

Костадиновски смета дека се исполнети условите за зголемен судски активизам оти судот е комплетиран.

„Долго време откако сум  јас судија овој суд имаше сериозни предизвици, особено во бројот на судии со кои работевме. Предолг временски период работевме на кворум со петмина судии. Потоа постепено се пополнуваа. Денес Уставниот суд е комплетен со што се исполнети околностите и сите претпоставки за навистина оживување на таа атрофирана функција на судот – по сопствена иницијатива, не само по иницијатива на граѓани, да се вклучиме во заштитата на правната држава, правната сигурност и владеењето на правото. Ќе направам се што е во моја моќ овој судски активизам да биде што е можно поприсутен. За се што ќе наиде на интерес на јавноста или ќе побуди сомнеж кај мене како судија или кај кој било од судиите, затоа што не само јас туку и другите судии можат да ја користат оваа алатка, ве уверувам дека ќе имаме засилен судски активизам“, вели Костадиновски.

Смета дека седниците на Уставниот суд, за што постојано се залагал, треба да се пренесуваат во живо како обид за враќање на довербата кај граѓаните, а истовремено најави поголема соработка со науката за сите проблеми и дилеми кои ги имаат во работењето.

„И нас како судии ни се јавуваат многу важни уставно – правни и теми и дилеми. Често имаме спротивставени мислења, впрочем за тоа доволно говорат моите 55 издвоени мислења досега. Секогаш сум сметал дека ќе биде корисно ако ја викнеме струката и науката на помош. Ништо не можеме да изгубиме, можеме да добиеме. И тоа ќе биде еден од моите приоритети“, вели Костадиновски.

Тој денес, на првото јавно обраќање како претседател на уставниот суд, не сакаше да зборува за конкретни предмети или да изнесува ставови за актуелните случувања кои не се на дневен ред на седниците на судот. Рече дека сите граѓани преку преносите во живо на седниците ќе имаат можност да го чујат неговото и мислењето на останатите судии за сите проблеми кога ќе стигнат на ред во судот.

Текстот Костадиновски најави засилен судски активизам: Ќе поведуваме постапки и ако нешто побуди интерес кај јавноста или сомнеж кај нас, седниците ќе се пренесуваат во живо е превземен од МАКФАКС.

Слични Објави