Ковачев: Насилството врз Бугарите во Северна Македонија, вербално, психичко и физичко, е секојдневна појава и норма која се темели на институционалната антибугарска пропаганда
По инцидентите со палењето на бугарскиот клуб во Битола, вандализмот и пукањето во клубот во Охрид, предупредив дека сме на работ да се случат работи со фатални последици.
Со синоќешното брутално претепување на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, тоа е веќе реалност. Момчето е во болница, во тешка состојба, пишува бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на својот facebook профил.
„Денеска сите треба да ги отвориме очите – тоа што му се случи на Христијан не е случајност! Насилството врз Бугарите од Северна Македонија, вербално, психичко и физичко, е секојдневна појава и норма која се темели на институционалната антибугарска пропаганда, врз која продолжува да се гради современиот македонски идентитет. Ширењето омраза кон Бугарите и Бугарија е масовна појава, во медиумите, социјалните мрежи, во учебниците, во институциите. Власта и опозицијата во Скопје не само што ефективно не се спротивставуваат на овој сеприсутен говор на омраза, туку ги минимизираат, оправдуваат, па дури и поттикнуваат такви постапки.
Се надевам дека сите оние во Бугарија, кои со години мудро ни објаснуваат дека во Скопје се е во ред и дека треба безрезервно и безусловно да ги поддржуваме, ја сфатија нивната заблуда и наивност (ако само наивност!).
Ги повикувам бугарските власти на итна и цврста реакција на овој инцидент. Повикувам да побараме од Скопје што точно е направено во сите претходни инциденти од минатата година, какви се казните и каде се казнетите. Како се штитат граѓаните од закани?!
Последно, но не и најмалку важно, ги повикувам бугарските власти да престанат со сите конкретни активности во врска со продолжувањето на преговарачкиот процес на РСМ за членство во ЕУ, додека властите во Скопје не преземат јасни, храбри и конкретни чекори против насилството и заканите кон Бугарите и говорот на омраза против Бугарија!“, пишува Ковачев.