КСЗД: Постапката за клубот „Ванчо Михајлов“ сега е во рацете на обвинителството

/

Клубот „Ванчо Михајлов” од Битола не само што го велича ликот на Михајлов, туку и не ги отстрани спорните содржини од социјалните мрежи иако рокот за тоа истече, а денеска истекува и рокот за останатите препораките во однос на името и содржината, порачаа од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Весна Бендевска, член на Комисијата рече дека иако имаат право да поведат прекршочна постапка, понатамошните постапки ќе ги води обвинителството кое од нив ги побарало доказите, бидејќи има повреди кои упатуваат на Кривичниот законик.

Како што информираат од Комисијата, бидејќи истече рокот за отстранување на содржините на социјалните мрежи за кои е утврдено дека освен што шират вознемирувачки говор во кој се величаат ликот, делото и идеологијата на Михајлов, постојат и сериозни индиции дека имаат расна и ксенофобична содржина, предизвикуваат нетрпеливост, омраза и дискриминација и го повредуваат правото и слободата на поголем број на луѓе, сега понатамошната постапка ја води Основното јавно обвинителство.

Членот на Комисијата, Весна Бендевска потенцира дека иако имаат право да поведат прекршочна постапка, сепак решиле тоа да го препуштат на Основното јавно обвинителство, кое побарало од нив до достават информации и копии од спорните содржини објавени од страна на клубот на социјалните мрежи.

„Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор, туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број на луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе на Основното јавно обвинителство“, изјави Бендевска.

Таа додаде дека денеска истекува и рокот за препораките и во однос на спорното име и содржината на клубот, со што следен чекор е заседавање на Комисијата и утврдување на можна прекршочна постапка.

Извор: Zoom. mk



Претходна статија

Катар и Германија склучија 15-годишен договор за снабдување со гас

Следна статија

Столтенберг очекува министрите да потврдат дека вратите на НАТО се отворени за нови членки

Најново од Вести