Квалитетно и непрекинато снабдување со струја до 2023 – енергетско поврзување на Бугарија, С. Македонија, Албанија и Италија

/

Со поставување на камен темелник на трансформаторна станица во охридско денеска започна реализацијата на интерконективниот далековод за пренос на електрична енергија меѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија, проект со енергетски и стратешко значење вели премиерот Заев.

„Денес го означуваме стартот на изградбата на 400/110 киловолтна трансформаторска станица во охридско-струшкиот регион во близина на селото Мешеишта која со влез и излез ќе биде поврзана на новиот 400 киловолтен интерконективен далековод Битола, Северна Македонија и Елбасан, Албанија“, посочи Зоран Заев.

Изградбата на 400 киловолтниот интерконективен далековод Битола -Елбасан со должина од 97 километри, значи комплетирање на енергетскиот коридор 8 кој е дел од експлоатицијата на енергетските ресурси од Кавкаскиот регион и од Централна Азија кон земјите од Западен Балкан и Италија.

„Изградбата на интерконективниот далековод од 400 киловати помеѓу Северна Македонија и Р. Албанија ќе придонесе во поврзувањето и регионалното интегрирање на енергетските пазари во регионот. Тоа беше и целта на владата кога ја усвои новата стратегија за енергетика, сите реформи да ги направи во енергетскиот сектор се со цел да се поврзуваме што повеќе со нашите соседи“, истакна Крешник Бектеши.

Со оваа инвестиција се испраќа порака до инвеститорите дека се создаваат услови за работа и на сите ќе бидат задоволени потребите од електрична енергија.



„Со овој проект обезбедуваме квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството и ги надминуваме проблемите и ја подобруваме мрежата во југозападниот дел во земјата“, порача Благој Бочварски.

Северна Македонија има 5 интерконекции на 400 киловолтно напонско ниво две врски со Грција и по една со Србија, Косово и Бугарија. Инвестицијата изнесува 50 милиони евра, а се очекува да биде завршена во 2023-та година.

Извор: zoom.mk

Претходна статија

Курц реизбран за лидер на ОВП

Следна статија

674 нови случаи на Ковид 19 – пријавени 27 починати лица

Најново од Вести