| |

Летна школа по словенска палеографија ќе се одржи во Софија од 27 јули до 2 август

Летната школа по словенска палеографија „Кирилометодиевско наследство: Кирилицата во средновековните јужнословенски земји“ ќе се одржи во Софија од 27 јули до 2 август, соопштија од Кирилометодиевскиот научен центар кон Бугарската академија на науките (БАН), кој е еден од коорганизаторите на иницијативата, пренесува БТА.

Годинава ќе се одржи третото издание на летната школа. Секојдневните активности ќе се реализираат во неколку академски институции и ќе опфатат предавања за историјата на словенската писменост и палеографијата, со посебен акцент врз развојот на кирилицата.

Предавањата ќе бидат дополнети со работилници и практични активности за анализа на ракописи и писарски практики. Програмата ќе вклучува и организирани активности преку кои учесниците ќе имаат можност да се запознаат со Софија и со нејзините главни културни и историски знаменитости, се наведува во соопштението.

Според Кирилометодиевскиот научен центар кон БАН, учесниците ќе можат да стекнат практично искуство во областа на словенската кирилска палеографија преку примена на современи аналитички методи и актуелни истражувачки пристапи.

Школата е отворена за студенти на додипломски, магистерски и докторски студии кои се заинтересирани за средновековните словенски истражувања.

Организатори на настанот се Кирилометодиевскиот научен центар при БАН, во соработка со Институтот за математика и информатика кон БАН и Центарот за словенско-византиски проучувања „Проф. Иван Дујчев“ кон Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.



Слични Објави