|

Локални избори 2025: Буџет од 9,76 милиони евра, најголем дел за медиумски кампањи

Буџетот за локалните избори 2025 ќе изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини ќе бидат наменети за медиуми и платено политичко рекламирање. Дополнително, општините ќе ги покријат трошоците за надоместоци на членовите на избирачките одбори, како и транспортот и дистрибуцијата на материјалите. Државната изборна комисија (ДИК) најави дека презема мерки за рационализација на трошоците.

Овие избори, на кои ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Град Скопје, ќе бидат најмасовни според бројот на учесници во изборната администрација. Дијаспората нема да гласа, освен ако граѓаните со право на глас не допатуваат во земјата.

Собранието вчера едногласно ги избра новите членови на ДИК, а до крајот на месецот ќе биде извршен случаен избор на 21.000 административци за избирачките одбори. Партиите со најмногу гласови на минатите избори ќе предложат дополнителни 14.000 членови.

Општинските изборни комисии ќе ги примаат и потврдуваат кандидатските листи и ќе одлучуваат по жалби. Важен рок е увидот во Избирачкиот список, кој започнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае 20 дена, кога граѓаните ќе можат да ги проверат и коригираат своите податоци.

Слични Објави