|

Маричиќ: Европски стандард за граѓаните до крајот на 2030 година

Целта ни е јасна, реформите мора да продолжат и секоја институција треба да биде на ниво на задачата, особено законодавниот дом, зашто евроинтеграцијата е државен и тимски процес, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, отворајќи ја денешната дебата „Зелена агенда – обновливи ресурси, македонска храна, европски пазар“.

Како што рече Маричиќ, обврската што ја презема оваа Влада е тешка, но развојот, просперитетот, европската економија и европскиот животен стандард се приоритет.

-Знаеме дека обврската што ја преземаме е тешка, но знаеме и која ни е целта – развој, просперитет, европска економија, европски пазари и европски животен стандард за граѓаните до крајот на 2030 година, амбициозна, но достижна цел која само бара посветеност и ангажман на сите општествени чинители. Тоа не е само обврска кон ЕУ и преговорите за членство, туку е и наша должност и обврска кон граѓаните, потенцира Маричиќ.

Според него, сите поглавја од преговорите се важни, но двата кластера, за зелена агенда и за земјоделство се посебно значајни, посебно во овие, како што рече, услови на криза.

Вицепремиерот повтори дека Извештајот на ЕК за годинава покажа добро ниво на подготвеност што е дополнителна обврска не само да се зборува за постигнатиот прогрес, туку и за сите нотирани слабости.

-Колку побрзо ги надминеме слабостите толку побрзо ќе станеме дел од ЕУ, а Владата има силна волја за тоа и е максимално посветена, истакна Маричиќ, додавајќи дека скринингот е дополнителен поттик во целиот овој процес.

Во тек е првиот панел на кој по вицепремиерот Маричиќ, зборува министерот за животна средина и просторно планирање, како и координатор на Кластерот 4, Насер Нуредини, по кој во дискусијата ќе учествуваат и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Валандово Перо Костадинов и директорот на Агенцијата за енергетика Дарио Николовски.

Извор: Zoom. mk



Слични Објави