|

Мицкоски најави реконструкција на владата, им порача на ДУИ дека уште долго ќе бидат во опозиција и се пожали од длабоката држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македониja и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот Саем-отчет на градоначалниците избрани од редовите на неговата партија најави дека по локалните избори ќе има реконструкција на Владата. Тој подвлече дека нема да го менува владиниот коалиционен партнер од албанскиот блок, и оти ДУИ уште долго време ќе остане во опозиција.

„Веднаш после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме“, изјави Мицкоски на партискиот настан на ВМРО-ДПМНЕ, наречен „Саем на градоначалници – 4 години работа за тебе“.

Мицкоски се пожали дека преку бројни независни кандидати за градоначални и советници, опозициските СДСМ и ДУИ спремале саботажа на локалните избори. Тој ја обвини и т.нар. длабока држава за таквото сценарио, чија цел е да се попречи демократијата и да се збуни гласачкото тело.

„Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз кој што доаѓа. Но зад оваа игра не стојат само партиските штабови. Во таа намера, длабоката држава на СДСМ и ДУИ – нивните луѓе распределени во судството, во изборната комисија, во институциите – денес се во коалиција. Коалиција за да го спречи поразот што ќе им го донесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори. Ова се добро познати работи на кои сме навикнати од нив. Тоа се нивните матрици – манипулација, подметнувања, измами“, кажа Мицкоски на предизборнот партиски настан.

Слични Објави