Милков: Преку нота ќе побараме да им се обезбеди пристап на бугарските граѓани во Северна Македонија
Бугарија ќе бара со нота да им се обезбеди пристап на луѓето кои ќе патуваат во Северна Македонија за да се поклонат пред саркофагот на Гоце Делчев на 4 февруари годинава. На одбележувањето ќе присуствуваат и претставници на бугарската амбасада во РС Македонија.
Ова го соопшти министерот за надворешни работи Николај Милков на брифинг на кој извести за сработеното на МНР за време на мандатот на преодната влада.
„Клучно е да се обезбедат безбедноста и спокојството на Бугарите таму. Обезбедувањето на непреченото одбележување на 4 февруари е елемент на тоа.
Сакаме да постигнеме деескалација. Ние не бегаме од таков дијалог. Нашиот премиер ќе има телефонски разговор со неговиот колега Ковачевски, а еден од главните елементи ќе биде обезбедувањето на безбедноста на бугарските граѓани воопшто, а исто така и за тоа што предстои да се случи на 4 февруари.
Ние се залагаме за таква деескалација, но не треба да ја враќаме ситуацијата од пред една недела, бидејќи тоа би било зацврстување на репресијата“, посочи Милков.
Шефот на бугарската дипломатија посочи дека доколку Северна Македонија го попречи пристапот на бугарските граѓани, тоа би бил акт без преседан.
„Ако тоа се случи, тоа ќе биде акт без преседан. Немам информации дека две земји членки на НАТО ги прогласиле своите граѓани за персона нон грата. Ова ќе биде без преседан и ќе бара одговор без преседан“, изjaви Милков.
Бугарија ќе бара гаранции од властите во Северна Македонија дека локалните институции ќе ги исполнат своите функции.
„Бугарите и луѓето со бугарска самосвест немаат доверба во македонските институции, таквите поплаки што ги поднесуваат не се разгледуваат или ако се разгледаат добиваат негативен резултат, а Бугарите стануваат жртви на малтретирање и закани.
Треба да се увериме дека македонските институции ќе започнат со своите функции. Комисијата за заштита од дискриминација наместо да ги разгледува извештаите, се свртува против нив.
Под овој притисок, кој се врши таму, Бугарите во Северна Македонија немаат многу опции – или да престанат со своите активности и да се помират, или да се вратат во Бугарија. Тоа мора да биде дел од нашиот дијалог таму за да може да се прекине овој маѓепсан круг – се жалат тие, а тоа им се враќа назад. Нападнат е бугарски клуб, членовите на тој клуб се повикани на распит во полиција, не се знае во кое својство. Ова е главниот проблем, какви и механизми да поставиме, ако не се институциите, нема да има резултати“, посочи тој.