|

Милошевски: Газдата на „Беса транс“ доби затворска казна за фалсификување исправа, за причините за несреќата е надлежно обвинителството во Бугарија

Ќе чекаме да биде изготвена писмена одлука на судот за да можеме да видиме што би презеле понатаму во овој конкретно кривично-правен предмет. Повеќе не би сакал да ја коментирам одлуката. Судот го прифати обвинението во целост онакво какво што беше подигнато против обвинетиот и ги огласи виновни обвинетиот и обвинетото правно лице, изјави обвинителот Владимир Милошевски по зирекувањето на пресудата за „Беса Транс“.

Тој рече дека и во обвинението стои дека Министерството за транспорт и врски воопшто не издало извод од лиценца за конкретниот автобус.

„Ниту било поднесено барање, ниту била издадена. Тоа значи дека автобусот, како што е напишано во обвинението, како што и судот денес при објавување на пресудата кажа, покажувал пред надлежните државни органи извод од лиценца. Таков документ воопшто не бил издаден од надлежниот орган. Она што е покажано не е за тој автобус. Без разлика дали е од нешто друго, дали е воопшто целосно фалсификувано, не постои. Во правниот сообраќај не постои извод од лиценца за конкретниот автобус. Токму тоа е и основата на подигањето на обвинението и тоа е теоријата на случајот што Обвинителството ја имаше во моментот на подигање на обвинението“, рече Милошевски.

Тој објасни дека овој кривично правен настан е поврзан со фалсификување на исправа, а за причините за сообраќајната несреќа надлежно е обвинителството во Бугарија.

Сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, доби една година и осум месеци казна затвор и глоба од 800.000 денари, а изречена беше и четиригодишна забрана за вршење меѓународен превоз на компанијата. Според судот, сопственикот и превозникот се виновни бидејќи немале извод од лиценцата што треба да ја издаде Министерство за транспорт и врски, а границата се поминувала со лажен документ.



Слични Објави