Милотинова: Бугарија ќе биде подготвена за „Евровизија 2027“
Генералната директорка на Бугарска национална телевизија Милена Милотинова изјави дека Бугарија ќе направи „сѐ што е потребно“ за да биде на нивото на домаќин на „Евровизија“ во 2027 година, откако Дара победи на годинашниот натпревар со песната „Bangaranga“, јавува БТА.
„Успехот е историски“, рече Милотинова во емисијата „Интервјуто“ на јавната телевизија по враќањето од Виена. Таа нагласи дека организацијата на натпреварот ќе биде тимска работа и изрази надеж за поддршка од институциите.
Според неа, домаќинството на „Евровизија“ претставува „непроценлива реклама“ за Бугарија. Милотинова истакна дека тимот на БНТ веќе има искуство од организацијата на „Детска Евровизија“ во 2015 година и може веднаш да започне со подготовките.
Таа посочи дека речиси еден милион гледачи го следеле финалето на „Евровизија“ во живо на БНТ 1 на 16 мај. „Тоа е рекорд“, изјави Милотинова.
„Браво, Бугарија! Тоа одекнуваше во големата сала во Виена“, додаде таа и нагласи дека победата покажала дека Бугарија може да постигнува големи успеси на престижни меѓународни сцени.
