|

Министерот не се цени по тоа колку време бил на функција туку колку позитивни процеси имал, вели Алиу за негова можна смена

Министерот за здравство Азир Алиу не го менува мислењето за негова можна смена од функцијата по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во втората половина на овој месец ќе прави реконструкција на Владата. Алиу денес даде отчет за сработеното во измината година откога е министер и рече дека тоа ќе му значи повеќе од тоа колку време министерувал.

„Ова прашање се поставува неколку месеци, истиот одговор ќе го дадам и денеска. Мојот пристап кон политиката е следен – вредноста на министерот не се цени по тоа колку време тој бил функцијата туку колку работел додека имал можност или чест да раководи со таа функција. Исто е и денеска, јас и да бидам уште еден ден министер, уште една недела или уште една година или две години, тоа воопшто не ми значи ништо, а ми значи, кога нема да бидам министер, колку сум работел или колку позитивни процеси имало во здравството“, рече министерот Алиу.

Тој најави дека на 24 јуни земјава ќе стане членка на најголемата здравствена програма на Европската Унија, „ЕУ за здравје“, од каде ќе црпе и финансии и експертиза. Една година, колку што е на функцијата министер, Алиу смета дека е премногу кусо време за да се видат големи резултати, но горд е што изминатава година мапирањето ги покажало сите недостатоци на здравствениот систем за да може да се креираат и предвидуваат проекти кои нема само да лечат туку и ќе ги предвидуваат здравствените состојби, а како  посебно значаен дел ја наведе дигитализацијата во здравството.

 



Слични Објави