Министерството за одбрана изби на првото место во регионот според Индексот на отвореност, Петровска: Поставивме систем кој даде резултат
Министерството за одбрана е прворангирана институција во Северна Македонија и во регионот според најновиот извештај согласно Индексот на отвореност на Фондацијата Метаморфозис. Северна Македонија, пак, е лидер во однос на отвореноста во споредба со Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.
Министерството за одбрана со 89,72 процентна исполнетост на критериумите во четирите столба, пристапност, ефикасност, интегритет и транспарентност е на првото место, Владата на Република Северна Македонија со 79,14 проценти е второрангирана, додека Министерството за внатрешни работи со 78,9 проценти е на третата позиција. Во однос на четирите столба на кои се основа овој композитен индекс, одбраната предничи во делот на транспарентноста, како и во доменот на интегритетот, каде се исполнети 100 проценти од критериумите.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска која се обрати по презентирањето на Индексот на отвореност за оваа година порача дека е горда на достигнатиот успех, за кој рече важна е законската регулатива, но и волјата за нејзино спроведување која е евидентна во Министерството за одбрана.
„Фактот што сме први во ова истражување ме прави горда, меѓутоа тоа е резултат на добар тим, кој е посветен на оваа проблематика чиј приоритет број еден му е транспарентноста на Министерството. Многу е важно да постои законска регулатива која што треба да ја следиме и клучниот услов за таа законска регулатива да биде имплементирана е да се има волја која во Министерството за одбрана постои“, рече Петровска.
Министерката истакна дека отвореноста на одбраната е воспоставена со правни акти, со правилници, Комуникациска стратегија, но и со посветен тим кој соработува и со граѓанските организации.
„Вратите на сите институции треба да бидат отворени за соработка со граѓанските организации затоа што многу често тие даваат решенија кои можеби институциите и администрацијата во тој момент не можат да ги препознаат. Благодарна сум им на граѓанските организации што секогаш будно ја следат работата на институциите“, истакна министерката.
Транспарентноста е и најдобриот одговор на дезинформациите и лажните вести, порача Петровска, и додаде дека Министерството е подготвено да ги пренесе своите искуства за да се изгради општествена отпорност на овие штетни појави.
„Институциите мора да бидат транспарентни зашто во светот, во регионот и во Северна Македонија постои еден прикриен натпревар за тоа како да се пласираат невистини, како да се изместат институциите, па и општеството од секојдневните активности. Остануваме отворени и се нудиме за помош и поддршка на останатите институции“, подвлече министерката.