Млад брачен пар од Казанл’к Бугариja ги донираше парите собрани од свадбата на детското одделение во локалната болница
Младо семејство од Казанл’к, направи донација за детското одделение на локалната општа болница „Д-р Христо Стамболски“.
Средствата од донацијата се собрани токму од денот на нивната венчавка. Со нив, младенците купиле веноскоп, кој се користи за полесно откривање на поткожни површни вени преку слика која се проектира на површината на кожата. Со уредот значително се намалуваат погрешните пункции во потрага по вена.
Семејството Гитеви е директно поврзано со медицината и фармацијата – д-р Драгостина Цочева-Гитева е лекар специјалист во Центарот за трансфузиологија – Стара Загора, а нејзиниот сопруг Иван Гитев е фармацевт и управител на аптека во градот на розите.
Семејството вели дека одамна одлучиле на денот на нивната свадба да ги поканат гостите и тие наместо да купуваат букети, да соберат пари за каузата. Избрале да ги донираат средствата на педијатриското одделение, бидејќи децата се најголемото богатство, а конкретниот апарат го купиле по консултација со раководителот на Детското одделение во Општата болница „Д-р Христо Стамболски“, д-р Стојко Стојков.
Медицинските работници во одделот се согласуваат дека уредот ќе биде исклучително корисен во нивната работа бидејќи ќе ја направи процедурата многу помалку трауматична за нивните пациенти.
Донацијата ја прифати д-р Симона Ќосева, која е специјалист во одделот. Управителката на Медицинскиот центар „Д-р Христо Стамболски“, д-р Кети Маналова-Владкова се заблагодари на семејството за иницијативата.
„Ова е уште еден пар кој на денот на свадбата реши да собере средства за поддршка на детските одделенија не само во Казанл’к. За нас тие се трета двојка по ред што на својот најубав ден решија дел од средствата собрани од подароците да ги донираат во нашата медицинска установа“, истакна таа.
Д-р Маналова смета дека оваа практика треба да се популаризира и продолжи.
„Што и да правиме, без помош од општеството, не можеме да го направиме“, додаде таа. Управителката на болницата во Казанл’к смета дека има потреба од промена на ставовите на пациентите. Со секоја измината година, пациентите се повеќе ги критикуваат медицинските работници кои „го даваат своето лично време, своето знаење и својот живот за да им помогнат на луѓето“, коментира таа. Д-р Кети Маналова истакна дека болничкиот тим во Казанл’к прави максимални напори да привлече млад кадар и да создаде добри услови за работа за нив. „Меѓутоа, кога постои емпатична личност која ја почитува професијата и она што можете да му го дадете, тоа им дава смисла на вашата работа и вашиот живот“, рече таа.