| |

МПО-Обид за убиство

Пишува: Владимир Перев

Повеќе од сто години Македонската Патриотическа Организација (МПО) за САД и Канада стои на браникот на слободата на македонските бугари и воопшто, го држи факелот на слободата за сите народи во Македонија. Таа политичка, национална и културолошка организација е директниот наследник на револуционерното ВМРО на Иван Михајлов, наследник на идеите на михајловизмот за слобода, правда и еднаквост, наследник на вознесот за слободата на Македонија.

Не треба да имаме дилеми за нејзиното формирање и дејствување. МПО е формирана од македонци, но не во смислата на денешното значење на тој збор. Таа е формирана од жители на географска Македонија, речи си единствено од македонските бугари, со примеса на власи, ерменци и други народности во Македонија. Но, да се знае, раководството на организацијата секогаш, барем до пред петнаесетина години било исклучиво од оние кои се себедекларирале како македонски бугари. Нивното гласило, весникот “Македонска Трибуна“ е печатен единствено на бугарски јазик, со стариот бугарски правопис од пред 1945 година, за подоцна полека да премине на англиски јазик и писмо. Тоа е данокот на времето, нужност за комерцијализација и читаност од младите генерации. Ова се основните позиции од кои може да се тргне понатаму.

МПО и Иван Михајлов биле секогаш како едно тело, една институција, една идеја и единствена програма-борба за самостојна македонска држава, еднакви права на сите и-зошто да не се каже-приоритет на бугарскиот етнички елемент во таа држава. Треба да се каже дека односите не секогаш меѓу МПО и Михајлов биле идилични, далеку од тоа. Имало и обиди за неков “преврат“ организирани од американизираните елементи на МПО како што се Иван и Георги Лебамови, Тодор Чукалев, Христо Лагадинов, Христо Низамов, Борислав Иванов, Петар Ацев и ред други, но борбата нема идеолошки или национално-етнички ознаки. Тоа е борба за превласт, да се надмине авторитарното владеење на Михајлов и да се воведат нови, американизирани системи на одлучување во Организацијата. Но, потоа сукобот е изгладен и решен на задоволство и на двете страни. МПО останува факелот на слободата на македонските бугари а Михајлов неговиот неспорен вожд.

Владимир Перев сликан со Џин Киркпатрик на Конвенција на МПО во Вашингтон 1995 г.

Последните години ситуацијата веќе не е таква. Новата македонска емиграција доаѓа во Америка и Канада во потрага за подобар живот, со себе си ја носи својата сиромаштија, но и својата духовна беда и инсталирана идеологија. Доаѓаат во Америка за да заработат и живеат по добро, но тврдат дека Југославија беше најдобрата држава а Тито најдобриот државник, лидер на најсигурната земја и слични други неспастрени изјави. Македонците таму личат на оние турци или арапи кои живеат во гетата на Берлин, Париз или Лондон, затворени во сопствената религија и начин на живот кој единствено го познаваат и признаваат. Така ние опстојуваме во духовни гета по светот и тие се слика на нашата духовна беда, последица од нашата ниската образовна подготовка. Да, ги има и образовани, но никој од нив не успеал да го надмине стравот од познатиот прогон на бугарите во (Северна) Македонија…се плашат од одмазда во старата татковина во која мечтаат да се вратат како богати и почитувани. Повеќето од нив никогаш нема да се вратат, ниту како богати а најмалку како почитувани.

Тие и таквите македонци, по иронија на судбината и глупавата логика на стареењето, навлегуваат во МПО и ги заземаат дел од клучните позиции во Организацијата. Старото членство не е во состојба целосно да им се спротистави-делимично затоа што веќе генерациски се изморени од борбата за бугарската кауза и демократијата воопшто, а делимично и затоа што не се запознати со подлите методи на дејствување на македонизмот. Така доаѓаме до ситуација во која, еден дело од раководството на МПО, некоординирано со другите, во навечерието на Конвенцијата во септември 2024 година, пушта пасквил во која се нуди разрешување на националното прашање во Македонија и Бугарија, единствено меѓу две националности, македонците и бугарите. Тоа е текст кој два пати во минатата година е отфрлан од телата на МПО како неприфатлив, за сега на недостоен начин биде публикуван…познати болшевички методи за решавање на веќе наводно “решена работа“. Тоа е текст на МПО полн со лаги, инсинуации и директиви од Скопје. Нема да мине. Причините за тоа се неколку:

1. Официјалната власт во Бугарија никогаш не ги нарекла македонските словени, кои не се истакнуваат како Бугари дека се предавници, ниту постојат официјални документи со таква определба.

Официјална Бугарија не го негира правото на поголемиот дел од словенското население на Република Северна Македонија, да се дефинира себе си како македонско и да го нарекува својот јазик, како што сака. Во таа смисла тврдење дека Бугарија не го признава идентитетот или јазикот на словенското население во Република Северна Македонија е небулоза. Да не забораваме дека има формула според која, официјалниот јазик на Република Северна Македонија е македонски според Уставот на самата земја.

2. Софија, за разлика од Скопје го признава фактот дека постојат македонски Бугари и нема никаков проблем со тоа. Официјално пак Скопје за Бугари, кои живеат во Македонија ги смета само дојдените по семејни или други причини во Република Северна Македонија. Со други зборови, не можеш да бидеш Бугарин по род, ако си роден во Република Северна Македонија и немаш барем еден родител, кој потекнува од Бугарија.

3. Тезата дека Бугарија треба да признае македонско малцинство на нејзина територија и истото да ги има истите права, какви што ќе ги бугарската заедница во РСМ, не може да се нарече, коректна. Професионално речено, Уставите на Бугарија и Македонија се различни, а да се бара Бугарија да ги измени основите на својот устав е работа која може да му текне само на малоумник.

4. Познати се луѓето, кои ја спроведувале и македонизацијата на Пиринска Македонија за време на т.нар. Културна автономија во тој дел на Бугарија. Тоа е апсолвирана тема. Познати се настаните, документите, наредбодавачите, изведувачите. Познато е исто така, и колку пати луѓето во Пиринско биле тепани, прво да се запишат како македонци, а потоа и колку од нив биле тепани за да се отпишат. Зарем МПО треба да дава легитимитет на овој криминал сторен од Бугарската комунистичка партија под директната наредба на Сталин?

5. Македонските бугари никогаш нема да ја прифатат идејата на реципроцитетот и признавање на македонски колективни национални права во Бугарија. Тоа е убиство на националноста на македонските бугари, како и на бугарите вон границите на државата. Дури и повеќе, тоа е директно внесување на српски и руски разузнавачки структури во бугарската власт…барем нив ги има во Бугарија доволно, уште ли им требаат!? Официјална Софија ја нема таа сила, нема такво овластување за да потпише таква капитулација!

Да, тоа е сталинизам, идеологија длабоко вкоренета во поголемиот дел од македонските раководства. Тој, сталинизмот е гаранција за нивната вечност, нивната недопирливост и нивната неказнивост. Денес, длабоко сталинизираното/болшевизирано/путинизирано македонско раководство, со политичките и финансиските привилеги добиени од Белград и Москва, се обидува да изврши сталинистички преврат во МПО. Орудијата на тој преврат се македонизираните иселеници од Македонија, заблудени со евентуалните придобивки, како финансиски, така и статусни кои ќе ги добијат од оваа влада. Да, придобивки ќе има, но само за некои, за оние одбраните, за гаулајтерите на македонизмот во САД и Канада. Другите ќе останат “на чиста ледина“ посрамотени пред историјата и своите наследници.

Михајловизмот и идеите на Михајлов за слобода и етничка правда, како и трансформацијата на ВМРО од револуционерна во терористичка, а потоа во мирнодопска организација, се познати и признати во целиот свет. Впрочем тој пат го изоде и познатата ИРА и нејзиниот аватар “Шин Фејн“…идејата за слобода и рамноправност останува недопрена.

Денес имаме видоизменета ситуација во САД и Кнада, но тоа е само привид. Треба да се апелира, не амо македонските бугари, туку ни бугарите од цел свет на територијата на Америка да се зачленат во МПО и да ги бранат тековините на слободата…тоа е и дел од американскиот сон.

Ни се случува обид за убиство на МПО од внедрени елементи на странски комунистички служби. Тоа не е ништо ново… но идејата на михајловизмот, идејата за слобода и рамноправност на македонските бугари во сопствената земја, не може да биде убиена.

Идеите секогаш воскреснуваат!

Слични Објави