НА БОЖИЌ ОПОЖАРЕНА ЕВАНГЕЛСКАТА ЦРКВА ВО СЕЛО ЧИФЛИК КОЧАНСКО- СТОРИТЕЛИТЕ ОСТАВИЛЕ ПОРАКА „ЧИСТА МАКЕДОНИЈА“
Опожарена е Евангелска Црква во с.Чифлик, Кочанско, и тоа баш ноќта на Божиќ. Вандалите оставиле порака „Чиста Македонија“, објави на својот facebook профил пастор Филип Иванов. Еве што порача пасторот во однос на овој немил настан:
„Ако некогаш се прашувате кој го распна Христос тогаш еве ви пластичен пример за тоа – религиозниот фанатизам измешан со радикален национализам. Феноменот е во тоа што овие луѓе, како тие што го распнаа Христос, мислат дека со ваков чин, на празник како Божиќ, си ја чуваат и потврдуваат верата и нацијата, и дека вака му принесуваат служба на Бога, кога всушност исповедаат дека воопшто не го познаваат Христос Кнезот на Мирот, ја уништуваат својата нација, и му принесуваат служба на злиот.
Нека Господ им се смилува и им даде покајание, и вистински да го спознаат Христос Кој дојде да донесе мир на земјата, и добра волја меѓу луѓето, па дури и меѓу оние од различни христијански конфесии.“
Сторителите на овој вандалски чин сѐ уште се непознати за органите на МВР.
Пасторот Филип Иванов за нашиот медиум изјави дека ова е 7-ми напад врз овој верски објект.
