Назад кон титовизмот/сталинизмот
Пишува: Владимир Перев
1.
Деновиве македонската јавност ужасната слуша што говорат премиерот и министерот за надворешни работи за работата на некои од членовите на Македонско бугарска мешовите комисија за разрешување на прашањата од историјата и добрососедството, слушаат и не веруваат. Одамна, многу одамна, уште од времето пред 1990 година, политиката во СФРЈ/СРМ, па и на Балканот пошироко, не си дозволувала со таков тон да се обраќа кон научната фела од било која област, најмалку од областа на историјата.
2.
Можевме да чуеме како министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски вели дека е “разочаран од шефот на заедничката комисија за историја со Бугарија, поради неговите неодамнешни ставови. Тој, без да го именува Георгиев, рече дека „Деновиве гледам еден научник, којшто е ангажиран и доста коректно платен од страна на државата да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира“, вели Муцунски. „Министрите имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве“.
Претседателот на македонскиот дел од мешовитата комисија, одби даодговара на ови обвинувања, нарекувајќи ги неосновани, но затоа членот на комисијата Петар Тодоров, беше јасен: – Ваквите изјави и пораките на Претседателот на Владата и неговите министри ги сметам крајно неодговорни кои на долг рок можат да имаат штетни последици по нашето општество. Со нивните неаргументирани и без докази поткрепени изјави се компромитира Комисијата и нејзините сегашни и идни членови. Комисијата е и треба да остане експертско тело кое ќе нуди решенија за надминување на политичкиот спор помеѓу двете држави, а не тело кое ќе нуди решенија за легитимирање на одредена политичка партија и нејзините интереси кои ни ги претставуваат како државни или национални.
3.
По младите генерации не знаат, но мојата генерација се сеќава, до болка се сеќава на ткн. промени на курсот на СКЈ, промени проследени со разрушени политички кариери и судбини. Авторитарниот Тито секогаш имаше оправдување дека кај нас промените “биле безкрвни“ за разлика од оние на Сталин, но тоа беше само делимично точно. Имаше падната крв, но далеку од тоа како во тогавашната СССР, па и во сегашниот путински руски режим. Секогаш така се почнуваше со тврдењето, како сега, дека дел од историчарите (или политичарите, воопштено! заб. моја) алудирајќи на претседателот на историската комисија со Бугарија, политички се профилираат, што им штети на интересите на државата. Потоа следеше разврската.
4.
Обична злоупотреба на вистината и реалноста е дека некој во комисијата политички се профилирал, или дека не ги бранел на достоен начин нашите, македонските национални интереси. Тешката вистина е дека македонскиот дел од историската комисија доследно ги штител вредностите на нашето општество, вклучувајќи и позиции на нашата историографија. Но, се стигнува до моментот кога не може да се брани неодбранливото, не може да се променат историските факти и позиции, прифатени и од меѓународната научна јавност. Така, научната расправа за теченијата на нашата историја, македонската политика сака да ги преформатира во борба за одбрана на државните актуелни интереси, борба за одбрана на нереалните ветувања дадени на овој народ, за нашата историја, минато, бит и јазик. Научниците со таква своја позиција во општеството не можат да се согласат. Политиката е менлива, политичарите и нивните изјави ги гази времето и се забораваат, но научните позиции остануваат на идните генерации. Тоа е појдовната точка на научниците, без разлика од кого се платени, а уште по малку колку навистина се платени.
5.
Тито и Сталин беа специјалисти за разрешување на ваквите “општествени дилеми“-свикуваа конгрес на семоќната Партија. Утврден беше терминот, посочени жртвите, подготвени дискусиите и брифирани медиумите. Чистката можеше да почне. Самокритиката беше дел од тогавашниот партиски и општествен морал. Крајот се знаеше. Сталин ги ликвидираше веднаш, а Тито ги праќаше во длабок заборав. Оние по упорните беа затворани а некои од најупорните тивко ликвидирани. Беа сочувани тековините на Револуцијата-единство на мислите, идеите и дејствувањата. Така беше задушена Хрватската пролет, така паднаа македонските и српските либерали. Мицкоски и Муцунски ги немаат тие можности. Немаат само една партија во Парламентот, немаат ни единство во својата, немаат апсолутна власт и немаат можност да ја наметнат во вакви услови и за вакви прашања. Тие можности ги немаат ниту нивните идоли Вучиќ и Орбан, тие само имаат поголема вештина на манипулација, но и тоа не трае вечно. Кај нив, на крајот, сметката ќе биде повисока. Затоа, во овој момент, историчарите се неприкосновени.
6.
Бугарија, па ни Грција не се нашиот проблем. Нашиот проблем е авторитарноста на режимот Тито-Колишевски, а и потоа, режим кој ни наметна несоодветно, нереално видување на “нашето место во историјата“. Тоа беше видување на една победничка Револуција, наметнато на насилен начин врз сопствениот народ, а премолчено од една победена соседна држава и една друга соседна држава, која до денешен ден се оправа од наметнатата граѓанска војна. Еден петвековно поробен народ, во своите визии за себе си, се опре на придобивките на една Револуција која решаваше сѐ за секого. Потоа Револуцијата ги изеде своите деца, за конечно да се самоизеде, оставајќи ни ги само фалшивите идеи за нас самите. Падна и Државата како творба на таа Револуција. Останавме сами, на ветрометината на новото бурно време, сами, раскарани и непомирени…непомирени идејно, идеолошки и национално, без конкретна визија за својата иднина.
7.
Мицкоски, Муцунски и целиот сегашен антураж на оваа “власт без компас“, не треба да се занимаваат со “историските вистини“, онака како што тие си замислуваат. Треба да ни ги посочат патот, идеите и целите на нашето општество, нашата можна иднина. Денес само ние и србите не знаеме каде сме, дали сме до Москва или до Брисел, не знаеме каде да ги насочиме нашите напори. Скопје гледа кон Белград, но тоа е поглед на “кратковиди политичари“. Белград ќе падне и пак ќе се опорави со своите ресурси, ние треба да внимаваме да не се подслизнеме, затоа што враќање, барем на достоинствен начин нема да има. Потоа ќе дојде некоја историја, која ќе биде тешка за нашите потомци. И следните ли генерации ќе ги разрешуваат историчарите, затоа што не ја бранеле “националната чест“, нешто што е задача на политичарите.
8.
И во минатото имаше случаи некои историчари да бидат прокажани и екскомуницирани. Имаше и други, како на пример Иван Катарџиев, кој кон крајот на својот живот, смени определени фундаментални позиции од својата историска агенда. Тоа се настани кои не смеат да ни се случуваат, барем не вака, на поединечни случаи. Одбивањето на бугарската, па и грчката страна, да се примени некаков “мултиперспективен“ приод кон историјата, ги отвора старите понори на нашата небиднина!
9.
Сега, со комисиите со Грција и Бугарија, имаме шанса да ревидираме некои погрешни поставки од минатото. Сознанија кои ги имаме говорат дека нашиот дел од комисијата се бори доследно за своите историски позиции. Мене лично, нивните позиции во одбраната на националниот идентитет и нашето историско минато НЕ ми се допаѓаат…ги сметам за македонистички, националистички, ексјугословенски и во голема мерка илузорни, нереални. Ама, таква е и целата оваа наша кревка држава и државност. Тие тоа го бранат, ја бранат таквата држава и државност…без никаква вина, ја бранат наметнатата визија за нашето минато.
Темните сенки на титовизмот/сталинизмот веќе поодамна тивко се враќаат во овој дел од Балканот…се враќа простачкиот популизам. Затоа и начинот на кој се менуваат председателот и некои од членовите на комисијата е апсурден за една современа држава и влада, а вокабуларот со кој се објаснува промената, личи на вербалните пресметки на непознати лица на социјалните мрежи.
Тоа е недостојно!
