ОБЈАВЕН РОМАНОТ „ЗА ТОА ЛИ БЕШЕ СЕ“ НА БУГАРСКИОТ ПИСАТЕЛ ЕВТИМ ЕВТИМОВ

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „За тоа ли беше сè“ од познатиот бугарски писател Евтим Евтимов. Романот е напишан со современ стилски израз и со вешто изведена структура. Во основа е политички роман, но тој, пред сè, е постмодерно егзистенцијален, во кој на еден суптилен начин авторот говори за човечката судбина, за страдањата на човекот поради политичките парадокси.

loading...

Дејството е сместено во бугарскиот политички контекст по Втората светска војна, карактеристичен за источноевропските земји во тој период, и ја разобличува репресивноста на тој режим, којашто во осумдесеттите години, пред залезот на режимот во времето на Тодор Живков, ќе ја почувствува и авторот на романот. Според темата, филозофско-етичкиот пристап и пораките кои се искажани – тоа е, пред сè, роман со наднационални вредности и со универзален простор и универзално време, роман за доброто и злото, за судбината на човекот, за предавствата што ги вршат луѓе спрема своите блиски и спрема себеси, за компромисите поради користољубие, за цената за купување кариера, за изневерените мечти и идеали, за кругот на времето и на животот и на човечките судбини.

Заснован врз ужасни вистински настани, но богат со метафори и слики, романот претставува филозофско-етички и естетски трактат за пресвртите во историјата и во животот на човекот. Исти луѓе во исти ситуации си ги менуваат местата – жертвите стануваат џелати, а џелатите жртви. И едните и другите се во маѓепсан круг на човечката превртливост и злоба.

На крајот на романот е објавен и поговор од литературниот критичар и издавач Пламен Тотев, кој го објаснува контекстот во којшто се одвива дејството, но и мотивите на Евтимов да го напише ова дело.

Евтим Михалушев Евтимов (1933, Петрич – 2016, Софија) е познат бугарски писател. Работел како учител, раководител на радио, директор на издавачка куќа и главен уредник на списанија. Образованието го завршил на Институтот за основни учители во родниот град, во 1952 година. Десет години бил учител во родниот крај. Работел и како програмски директор на радиото во Петрич, секретар на Градската библиотека (1962 – 1965). Бил раководител на Одделот за поезија и директор на Издавачката куќа „Народна младеж“ (1966 – 1984), главен уредник на весникот „Литературен фронт“ (1984 – април 1988, кога е отпуштен) и главен уредник на списанието „Родољубие“ (1989 – 1991).

Најпознат е по својата поезија. Многу негови песни се компонирани, а некои негови стихови денес се познати бугарски песни. Политичките, патриотските и љубовноисповедните мотиви се доминантни во неговата поезија, а поради ритмичната структура и стилистиката блиски до народната песна беше посебно популарен кај широк круг читатели. Љубовта е основниот елемент во поетскиот вредносен систем на Евтимов. Таа е пространство во кое најцелосно и најискрено се отвора лирското јас. Класичната ритмична структура, блискоста до стилистиката на народната песна и успешните естрадни интерпретации на неговите стихови ја направија особено популарна љубовната лирика на Евтим Евтимов. Лиричен и вдахновен е и во својата проза.

loading...


Првите стихови ги објавил во 1951 година во весникот „Пиринско дело“. Автор е на околу 40 книги. Повеќето негови книги се поезија. Добитник е на повеќе награди за книжевност и култура, а во Бугарија уживаше статус на култен автор. Преводот на романот е на Нове Цветаноски.

Извор: Макфакс