|

Обвинението за кочанската трагедија сè уште на оценување

Оценката на обвинителниот акт за предметот „Пулс“ и понатаму останува во Судот за оценување, што отвора прашања дали почетокот на судењето за катастрофалниот пожар ќе се темпира по изборите, закажани за втората половина на октомври, јавува ТВ 24.

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска за ТВ 24 појасни дека, согласно Законот за кривична постапка, оваа фаза подразбира Судот да го оценува обвинението и практично да ја проверува работата на Обвинителството. „Се разгледуваат доказите кои се приложени, што значи Судот треба да оцени дали ова е доволно материјал за предметот да продолжи во фаза на судење,“ изјави таа, додавајќи дека не гледа никаква поврзаност со претстојните избори.

Слично мислење има и Ванчо Шехтански, адвокат на седуммина обвинети во случајот „Пулс“. Тој предвидува долга и комплексна постапка: „Очекувам маратонска судска постапка“, вели Шехтански.

Иако поминаа речиси три месеци од поднесувањето на обвинението, тоа сè уште не е оценето. Од Кривичниот суд објаснуваат дека вакви одложувања не се реткост, особено кај предмети со голем број обвинети.

Во меѓувреме, родителите и роднините на жртвите продолжуваат со протестни маршеви во очекување на правда, додека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сè уште ја води истрагата за полицајците.

За да започне судскиот процес, обвинението мора да помине низ филтерот на Советот за оцена. Доколку Советот даде зелено светло, ќе се закаже термин за почеток на судењето.

Слични Објави