| |

Од Бановка до Добруџа: Историјата на генерал Иван Колев оживеа во Софија

Во Американскиот центар во рамките на Градската библиотека во Софија на 8 јуни се одржа предавање посветено на големиот бугарски воен командант и херој од Првата светска војна генерал-лејтенант Иван Колев (1863-1917). Предавањето насловено „Ген. Иван Колев и битката за Добруџа – славата на бугарската коњаница во Првата светска војна“, предизвика голем интерес и се одржа пред преполна сала, јавува бугарскиот сајт за историја, култура и политика Војна и мир.

Настанот го означи почетокот на серија јавни предавања што во текот на 2026 година ќе ги организира Здружението „Генерал-лејтенант Иван Колев“. Секој прв понеделник во месецот ќе се одржува ново предавање посветено на овој период од бугарската историја.

Бугарскиот историчар Јанко Гочев зборуваше за животот и воената кариера на генерал Иван Колев, роден во 1863 година во бесарапското бугарско село Бановка, денес во Украина. Посебен акцент беше ставен на дејствувањето на Првата коњичка дивизија за време на Првата светска војна и нејзината улога во Добруџанската кампања во 1916 година. Под водство на Колев, бугарската коњаница извојувала победи против побројни противнички сили, поради што тој останал запаметен како Освободителот на Добруџа.

За време на настанот беше претставен и извештај за активностите на здружението, вклучувајќи ја изработката на бронзен барелјеф на генералот, кој ќе биде поставен на неговиот дом во Софија, како и иницијативата за обнова на неговата родна куќа во Бановка.

Предавањето потврди дека интересот за личноста и делото на генерал Иван Колев продолжува да расте, а неговиот пример и понатаму останува симбол на воинска храброст, патриотизам и служба во интерес на Бугарија.



Слични Објави