|

Од јануари поевтина струја, но само за одредени домаќинства

Одредени категории на граѓани од први јануари би можеле да плаќаат поевтина струја од останатите. Директорот на ЕСМ вели дека се прават напори, дел од корисниците на тарифните блокови 1 и 2 да добиваат пониска сметка. Тоа би биле домаќинства кои се со пониски приходи, но и оние знаат како да ја заштедат електричната енергија. Како тоа ќе се изведе, засега не се знае.

„Тоа што го правиме во овој период е да нема зголемување на цените, дури можно е да има и одредено намалување на првиот и вториот блок. Тоа се граѓаните коишто штедат, значи трошат помалку енергија, потоа тоа се граѓани кои имаат помали примања и живеат во помали објекти, трошат помалку енергија“, рече Васко Ковачевски, директор на ЕСМ.

Кон крајот на годинава, Регулаторната комисија за енергетика треба да ја објави новата цена на струјата која ќе важи за домаќинствата и за 65.000 мали компании кои електрична енергија добиваат од Универзалниот снабдувач. Цената којашто ќе ја понуди ЕСМ, односно Владата на тендерот на ЕВН Хоум, најмногу ќе влијае врз сметките на граѓаните. До Нова Година ЕСМ ја продава струјата за 48 евра по мегават час, а ја произведува по 73 евра. Разликата ја покрива државата од буџетот. Едно е сигурно од први јануари се зголемува ДДВ-то на струјата од 5 на 10 отсто.

Извор: alsat.mk



Слични Објави