| |

Oдложено делото за нападот врз Пендиков, покренато обвинение за вториот напаѓач

Уште еднаш одложен случајот за претепувањето на секретарот на сега згаснатото здружение „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков.

Причината овојпат е протестот на вработените во судската администрација во Република Северна Македонија, кои на влезот ги пречекаа оние кои влегуваа во Основниот суд во Охрид, јавува БТА.

Во судница се појави обвинетиот Илија Спасески. Неговиот адвокат дојде во судот, но не влезе во судницата со образложение дека го поддржува протестот на судската администрација.

Обвинителството, според судијата Бојан Мартиноски, поднело обвинение за претепувањето на Пендиков и против уште едно лице – Борче Ангелов. Тој беше препознаен од Пендиков како втор учесник во она што се случи на 19 јануари во Охрид. Од снимките на безбедносните камери, кои биле прегледани на една од средбите, се гледа како две лица го тепаат Пендиков.

Обвинението против Борче Ангелов е и за нанесување тешка телесна повреда со соизвршителство, а на следното рочиште ќе се одлучува дали ќе се спојат двата случаи кои се однесуваат на тепањето, објасни адвокатот на Пендиков Стефан Камишевски.

Следното рочиште е закажано за 26 октомври.

Секретарот на здружението „Цар Борис III“ Христијан Пендиков на 19 јануари беше жртва на тепање во Охрид, а ден потоа со владиниот авион „Фалкон“ беше пренесен на лекување во Бугарија.

Слични Објави