Огромна карпа се урнала во дворот на семејна куќа: страшни сцени по земјотресот во Босна и Херцеговина
Земјотресот што го погоди подрачјето на западна Херцеговина во 10.29 часот, по должината на границата со Хрватска кај Имотски, со епицентар седум километри западно од Груд, предизвика штета на многубројни станбени згради, изјави Драго Мартиновиќ, директор на Управата за цивилна заштита на кантонот Западна Херцеговина, потврдија за порталот „Аваз“.
Во месноста Грудски Врил огромна карпа се урнала во дворот на семејна куќа.
„Карпата застана пред влезот на куќата и, колку што можеме да видиме, никој не е повреден“, изјави Мартиновиќ.
Кога станува збор за оштетувањата на зградите, Мартиновиќ рече дека најмногу се работи за пукнатини на ѕидовите и поместување на ќерамидите. Најмногу, рече, се работи за објекти од постара градба.
„Утре ,општинската комисија за процена на штети ќе излезе на терен и ќе ја утврди состојбата на терен“, рече Мартиновиќ.
Тој потврди дека меѓу населението владеела вистинска паника и дека луѓето, едноставно, мислеле дека сè ќе пропадне.
„Во две училишта беа евакуирани ученици, за среќа, изминатиов период имавме вежби за евакуација. Во училиштата не е забележана штета, а наставата продолжи“, додаде тој.