|

Отворена линија за пријави на дезинформации и говор на омраза пред локалните избори

По распишувањето на Локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври 2025 година, повторно се активира Координативното тело за постапување по претставки врз основа на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми. Овој механизам има цел да обезбеди заштита и почитување на правото на слобода на изразување и информирање, загарантирано со член 10 од Европската конвенција за човекови права и релевантните македонски закони.

Секој — поединци, институции, невладини организации, политички партии или независни кандидати — може да поднесе жалба до Координативното тело доколку смета дека во контекст на изборниот процес се шират дезинформации, говор на омраза, дискриминација, злоупотреба на лични податоци, или се вршат прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија и Насоките за етичко известување на онлајн медиумите. Жалбите се доставуваат електронски на адресата: [email protected].

Координативното тело е составено од претставници на:

  • Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ)
  • Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)
  • Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)
  • Македонскиот институт за медиуми (МИМ)
  • Институтот за комуникациски студии (ИКС)
  • Фондацијата „Метаморфозис“

Координаторка е Билјана Георгиевска (директорка на СЕММ), а заменик-координаторка е Оливера Војновска од Фондацијата „Метаморфозис“.

Кодексот, усвоен во септември 2023 година, важи за политички партии, нивни кандидати и независни кандидати во онлајн просторот (вклучувајќи социјални мрежи), интернет-изданија на радиодифузери, онлајн медиуми, проверувачи на факти, инфлуенсери и други субјекти кои можат да влијаат врз јавното мислење и гласачкото право. Неговата примена треба да обезбеди интегритет на информациите, транспарентност на политичкото рекламирање, заштита на личните податоци, и спречување на дезинформации, говор на омраза, ксенофобија, нетрпеливост, страв или тензии кои ја поткопуваат демократијата.

Во последните две години, кон Кодексот пристапија:

  • Три политички партии: Левица, Европска демократска партија, Партија на пензионерите
  • 21 медиумска организација: ТВ Алфа, ТВ Коха, ТВ Тера, ТВ Дуе, ТВ Кочани ЛД, ТВ Спектра, Радио Блета, Радио Кочани, Радио Вати, Радио Комета, весник „Коха“, Спорт1, 4Нуз, Екипа, Радовиш Њуз, Гостиварисот, Флака, Макпрес, Одлучисе.мк, Порталб и 360 Степени.

Координативното тело ги охрабрува сите засегнати субјекти да пристапат кон Кодексот и да ги почитуваат неговите одредби, со цел да се обезбеди фер и демократска атмосфера на локалните избори. Формата за пристапување е достапна онлајн на: „Пристапување кон кодексот – Изборен Кодекс“.

Слични Објави