Ова е сексизам, да ѝ се извините на министерката, рече Ковачевски откога Ковачки искоментира дека премиерот пак се скрил под женско здолниште
Премиерот Димитар Ковачевски во собраниската сала зборуваше за жените министерки и обвини за сексизам, провоциран од пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој му рече дека се скрил под женско здолниште.
На ова претходеше прашањето што Ковачки му го постави прашање на Ковачевски, а се однесуваше на тоа дали бил запознаен со сексуалното вознемирување од страна на офицери во Армијата, но одговор доби најпрвин од министерката Петровска.
По нејзиното излагање, пратеникот Ковачки искоментира: „Премиерот повторно избега и се скри под женското здолниште на министерката за одбрана“, што предизвика врева во собраниската сала, но и коментар од Ковачевски.
„Јас многу се гордеам што имам предложено жени за министри и се гордеам што тие жени имаат исклучително добри перформанси. И Славјанка Петровска и Славица Грковска, Јована Тренчевска, Шукова, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска – со сите се гордеам, без разлика дали на работа ќе дојдат во фармерки или во друга гардероба. И навистина не личи во Собранието, кое го гледаат сите генерации на директен пренос, да се користи сексизам и да се користи омаловажување на жената, со оглед на тоа дека жените може многу поквалитетно од мажите да ја вршат која било функција и тоа овие министерки го потврдија. Јас лично сметам дека треба да ѝ се извините на министерката за она што го кажавте, но тоа е домашно ваше воспитување и образование“, му рече Ковачевски на Ковачки.
Ковачки потоа му возврати: „Тоа дека се криете зад женско здолниште е факт и не го измислив јас. Тоа го измисли вашата менторка Радмила Шекеринска. Потсетете се и ќе видите дека тоа е нејзина изјава“.