ПАЧЕМСКИ ДО БОЧВАРСКИ: ИЗГРАДЕТЕ ГО НОВИОТ ПАРКИНГ ВО ШТИП КАЈ СТАРИОТ ПАЗАР

„Ние како ГДУ-Штип немаме намера да го поларизираме општеството, затоа ја поздравуваме идејата за зголемување на паркинг капацитетите во градот, но истовремено реагираме на нерационалноста на идејата каде како локација ќе се изгради платформата.

Штип има потреба од нов паркинг простор и тоа е неспорно, но господине Бочварски, зошто да рушиме и уништуваме нешто што веќе е создадено и направено?
Ви се обраќаме со конкретен предлог и решение кое ви го споделуваме најдобронамерно и кое не се срамиме да признаеме дека не е наше, туку е идеја на наши загрижени сограѓани, кои дури не се ни членови на нашата партија, туку се членови на друга партија и ни ја испратија нас.

Ние сме должни да ги слушаме граѓаните и да ви укажеме, дека на само 100 метри до оваа локација која сте ја избрале за изградба на платформа има нефункционален пазар кој и те како ќе ги задоволи потребите на граѓаните за паркинг. Таму може да се изгради катна гаража на три спрата со тие пари што се предвидени и да се реши проблемот. Позади ова нема никаква политичка позадина туку само желба да помогнеме во решавањето на проблемот со паркирањето, а истовремено со тоа да го зачуваме веќе уреденото и изградено корито на реката Отиња, на кое многу штипјани му се радуваат“, стои во отвореното писмо на претседателот на ГДУ-Штип Борче Пачемски, до градоначалникот Благој Бочварски.