ПЕНДАРОВСКИ: СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЗА ВРЕМЕ НА ХРВАТСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО, ДРЖАВАТА ЌЕ ДОБИЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ
Претседателот, Стево Пендаровски, денеска се сретна со европратениците Андреас Шидер, Илхан Кјучук и Марион Валсман, копретседавачи со „Жан Моне“ дијалогот, којшто денеска и утре ќе се одржи во Собранието на Република Северна Македонија. На средбата присуствуваше и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Самуел Жбогар.
Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, тој посочил дека се надева дека за време на хрватското претседателство ќе биде одреден датум за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ.
Пендаровски на средбата истакнал дека нашата држава високо ја цени постојаната принципиелна поддршка од Европскиот парламент и посветеноста во однос на процесот на проширување.
„На средбата беа разменети мислења и информации за политичката состојба во државата, за тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата во Европската Унија, како и за актуелните политички состојби во Унијата. На средбата заеднички беше констатирана важноста од позитивен исход на разговорите во рамките на ‘Жан Моне’ дијалогот, помеѓу лидерите на парламентарните партии во државата“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
Пендаровски пред европратениците, исто така, истакнал дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република Северна Македонија и го повтори очекувањето дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година.