Петрова до Скопје: Не барајте конфликт со Софија, исполнете ги обврските
Министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова испрати јасен сигнал до Република Северна Македонија дека Бугарија нема да отстапи од договореното во 2022 година и дека патот на Скопје кон Европската унија минува низ исполнување на преземените обврски.
„Не станува збор за билатерални прашања, туку за односи меѓу држава кандидат и Европската унија“, изјави Петрова за БНТ, пренесува БГНЕС.
Таа нагласи дека тонот од бугарска страна останува „исклучително позитивен“, но призна дека често не го гледа истото политичко однесување од Скопје.
„Се надевам дека од другата страна ќе најдам политичка зрелост, да се обидат да пристапат на овој начин. Често не ја гледам“, рече министерката за надворешни работи.
Петрова беше категорична дека позицијата на Софија останува непроменета и е истата што беше договорена со таканаречениот „Француски предлог“ во 2022 година.
„Тоа е европската позиција. И тоа беше главното достигнување во јуни-јули 2022 година“, нагласи таа.
Министерката потсети дека лично учествувала во преговорите за рамката и дека во детали го познава договореното со Скопје.
„Тажно е што се враќам во владата четири години подоцна и нема напредок по ова прашање“, додаде таа.
Според Петрова, властите во Северна Македонија треба да го искористат сегашниот „отворен прозорец“ за проширување на ЕУ, наместо да ја ескалираат тензијата со Софија.
„Се надевам дека Скопје ќе го најде пристапот така што вниманието ќе го фокусира врз исполнувањето на обврските, а не врз барањето конфликт со Софија“, изјави министерката за надворешни работи.
Таа беше категорична дека по ова прашање постои целосно политичко единство во Бугарија.
„Мислам дека постои целосно единство и во владата, и во целата политичка класа во Бугарија по ова прашање“, рече Петрова.
Изјавата доаѓа во услови на нови тензии меѓу Софија и Скопје, откако од Северна Македонија повторно изјавија дека нема да го прифатат впишувањето на Бугарите во Уставот без внатрешен политички консензус.
