|

ПО 13 ГОДИНИ ДОНЕСЕНА ПРЕСУДА ЗА СЛУЧАЈОТ „ЗМИСКО ОКО“

По 13 години низ судските лавиринти, денеска падна првостепената пресуда за веќе историскиот случај „Змиско око“. Претходно, во два наврати Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше, по што судењето по трет пат почна од почеток.

Уапсените се товареа за злосторничко здружување кое не издавало фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џеб, по што, повторно организирано ги делеле.Со денешната пресуда, четворица се ослободуваат од обвинение, а на останатите им се изречени условни казни.

„Обвинението за кривичното дело Злосторничко здружување по чл. 394 ст.2 од КЗ се одбива поради настапување на апсолутна застареност. Обвинетите В.М. С.А., В.Ј., З.Б. се ослободуваат од обвинение за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.5 вв ст.1 од КЗ. Останатите обвинети се огласуваат за виновни за кривичното дело по чл. 353 ст.5 вв ст.1 од КЗ па имајќи ја предвид нивната позиција, својство и овластување им се изрекува:

За одговорното лице – алтернативна мерка Условна осуда со казна затвор од 2 години која нема да се реализира доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело. Обвинетите кои имале својство на контролори на наплатни станици им се изрекува алтернативна мерка Условна осуда со казна затвор од 1 година и 6 месеци доколку во следните 3 години не сторат ново кривично дело, обвинетите со својство на сменоводители и инкасанти им се изрекува алтернативна мерка Условна осуда со казна од 1 година доколку во следните 2 години не сторат ново кривично дело“, стои во пресудата.

При објавата на пресудата еден од обвинетите чиј идентитет е познат за судот, искажал навреди и пцовки упатени кон судечкиот совет за што судот изготвил службена белешка и ќе покрене соодветна постапка.

„Не сме задоволни од одлуката и ќе се жалиме на Апелација. Да му е чест на судот кој е во врзан во алка со обвинителството. Ќе се бориме до крај, ако останеме живи, зошто знае и судот дека веќе четворица колеги ни починаа, а најверојатно и ние нема да го дочекаме крајот, но да ни се живи и здрави децата, да доживеат барем тие нешто поради нас“, рече по изрекувањето на пресудата Митре Петров, еден од обвинетите, кој вели дека е осуден и покрај тоа што вели дека не бил на работното место.

Извор: Макфакс

Слични Објави