Почина големиот бугарски композитор Кирил Икономов
Почина големиот бугарски композитор Кирил Икономов. Тажната вест преку објава на Фејсбук ја соопшти неговата сопруга – популарната бугарска пејачка Маја Нешкова, јавува БГНЕС.
Икономов е автор на бугарскиот евергрин „Честит рожден ден“. Тој создаде бројни песни со национален музички израз, меѓу кои „Конче вихрогонче“, „Слънчева обич“, „Китка за обич“, „Щастие с пари не се купува“, „Храмът“, „Обичам те“ и „Пей, сърце“.
Кирил Икономов е роден на 10 мај 1954 година во селото Мусомишта, Гоцеделчевско. Неговиот интерес кон музиката започнува во семејството, под влијание на родителите Дафинка и Иван, како и на неговите сестри Виолета, Елена и братот Томчо. Своето музичко образование го продолжува во Софија, каде дипломира труба кај Русан Атев, проф. Карпаров и проф. Карел Стари, хорско диригирање кај проф. Лилија Ѓулев и оркестарско диригирање кај проф. Емил Јанев.
Во текот на кариерата настапува и работи во Музичкиот театар „Стефан Македонски“, во ноќните барови во Софија и со оркестарот „Обектив“ при Концертната дирекција. Соработува и со биг-бендот на Софискиот циркус „Оптимисти“, под диригентство на Дарчо Секеларев и Гого Бакарџиев.
Во 1978 година го основа оркестарот „Благоевград“, со кој работи 20 години. Со него настапуваат познати имиња од бугарската естрада како Емил Димитров, Јорданка Христова, Мустафа Чаушев, Христо Кидиков и Доника Венкова.
Добитник е на „Гран при“ во Улан Батор во 1987 година за најдобар гостин-диригент, додека Маја Нешкова добива „Гран при“ за изведба по негова музика. Освојува и награди „Гран при“ Филиграни 2006 за песна и за животно дело во Македонија. Неговиот јубилеен концерт во 2005 година предизвикува голем интерес и е емитуван повеќе од 100 пати на телевизиите во Бугарија.
Меѓу неговите позначајни проекти се песната посветена на неговата мајка, како и проектите „Опълченци“ и „Генералите също плачат“, кои излегуваат надвор од границите на земјата.
Во 1991 година, заедно со сопругата, ја изградиле црквата „Успение Богородично“ во местноста Бачиново, Благоевград. По негова иницијатива е изградено и училиштето „Свети Климент Охридски“ во Благоевград. Неговото семејство активно се вклучува во помош на деца од ранливи категории.
