| |

Почина легендарниот пејач на изворни и авторски македонски песни Васко Лазаров

Легендарниот пејач на изворни и авторски македонски песни Васко Лазаров починал на 3 октомври во 60-тата година од својот живот, јавуваат бугарските медиуми. Починал зад воланот на својот автомобил во селото Логодаж, Бугарија, најверојатно од срцев удар.

Лекарите кои пристигнале на лице место, само ја констатирале неговата смрт.

Васко Лазаров беше едно од најблескавите лица на фестивалот „Пирин фолк“ Сандански. Беше миленик на млади и стари, како голем вљубеник во песната.

Тој е еден од етаблираните изведувачи на изворни и авторски македонски песни и е повеќекратен добитник на разни признаници и награди на фолклорни фестивали во Бугарија. Одржал голем број концерти во Грција, РС Македонија, Германија, Шпанија и Америка.

Васко Лазаров беше единствениот поканет да ја претставува Бугарија на „ЕТНО-ФЕСТ“ – Скопје-2010 заедно со македонската пејачка Сузана Спасовска, со која успешно соработувал повеќе од 15 години и со која се етаблираа како „ балкански дует“. Има издадено 8 самостојни албуми и еден дует со Спасовска. Повеќето од неговите песни се авторски.

Во 1992 година ја освоил првата и втората награда на фестивалот Пирин фест, кој следната година бил преименуван во Пирин фолк. Меѓу нив се: „Ти, сакана, мајка и жена“ и „Дари, Дари“, чија музика и текст се дело на Никола Ваклинов.

Во 2000 година заедно со Јорданка Варџијска и нивната песна „Ништо не може да не раздели“ ја освоија првата награда на жирито.

Васко Лазаров во 2017 година беше специјален гостин на фестивалот „Пирин фолк“ по повод 25-годишниот јубилеј. На сцената ја претстави својата авторска песна „Тугино пуста“.

Порталот „Трибуна“ изразува сочувство до блиските на легендарниот пејач!



Слични Објави