Подкастот „Коридор 8“ соочен со бришење од YouTube по пријави на Канал 5
Македонската телевизија „Канал 5“, чиј сопственик е Емил Стоименов, испратила три copyright пријави до YouTube против македонско-бугарскиот подкаст „Коридор 8“, неколку часа по епизодата во која бил коментиран напис на Actualno.com за бугарското државјанство на Стоименов и биле прикажани документи поврзани со неговото бугарско државјанство, пишува бугарскиот информативен сајт Actualno.
Според „Коридор 8“, YouTube ги известил дека по седум дена каналот ќе биде избришан заедно со неговата пет и пол годишна архива и стотици видеоемисии. Од подкастот наведуваат дека нивните видеа претставуваат критичка анализа и коментар на јавно достапни материјали, а не присвојување на туѓа содржина.
„Создавачите на содржина имаме право да прикажеме извадоци од туѓи видеа за критичка анализа, коментар или разобличување на тврдења во прикажаниот материјал. Токму таков е случајот со нашите видео-реакции“, соопштија од „Коридор 8“ на Фејсбук.
„Коридор 8“ е видео подкаст воден од Георги Станков, кој служи како платформа за граѓани, новинари и јавни личности од Бугарија, Северна Македонија и Албанија за дискусија за бугарско-македонските односи и европската интеграција на Северна Македонија.
