Последно збогување со легендарниот голман Борислав Михајлов
Роднини, пријатели и навивачи денеска (4 април) се простуваат од фудбалската легенда Борислав Михајлов, јавува Актуално. Поклонението ќе се одржи од 13:30 часот во храмот „Света Софија“ во бугарскиот главен град. Големиот голман почина на 31 март во Софија на 63-годишна возраст по претрпен мозочен удар.
Михајлов е една од најемблематичните фигури на бугарската репрезентација со 102 настапи и се смета за најуспешниот голман во историјата на бугарскиот фудбал. Тој имаше клучен придонес за освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство во САД во 1994 година, а особено се истакна во осминафиналето против Мексико, кога одбрани два пенали.
Во клупската кариера беше трикратен шампион и освојувач на Купот на Бугарија со Левски, како и Фудбалер на годината за 1986 година. Настапуваше и за Беленензеш, Мјулуз, Ботев, Рединг, Славија и Цирих.
По завршувањето на играчката кариера, Михајлов премина во фудбалската администрација. Од 2000 година беше член на Извршниот комитет на Бугарскиот фудбалски сојуз, а во 2005 година стана негов претседател, функција што со прекин ја извршуваше до 2023 година, кога поднесе оставка по силни тензии и протести во фудбалските кругови.
