„Премиер Албанец не е ништо ново, кампањата на ДУИ нема да ја коментирам, ВМРО-ДПМНЕ и Левицата се националисти“, порача Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски не сакаше да ја коментира кампањата што ја води ДУИ во јавноста промовирајќи дека Македонија ќе добие премиер Албанец. За него, ова е коалициски договор и нема ништо спорно. Истовремено, ги критикува ВМРО-ДПМНЕ и Левицата за кои рече дека прават националистичка психодрама.
„Во однос на премиер Албанец, тоа не е ништо ново. Тоа беше објавено на прес-конференција во 2020 година по изборите кога присуствуваа Зоран Заев и Али Ахмети. Тие се достапни снимки, при што се формира Влада во 2020 година по изборите на кои победи СДСМ и со ДУИ формира Влада. Така ќе биде и во 2024 година кога СДСМ ќе победи и ќе формира влада со коалициските партнери. СДСМ ги почитува коалициските договори. Ова во однос на премиер кој ќе врши техничка улога ќе се случи кон крајот на следната година, во последните 100 дена, и уверени сме дека на изборите, кои ќе се одржат в година, ние ќе ја добиеме поддршката и повторно премиерот ќе биде од редот на СДСМ по изборите во 2024 година“, рече Ковачевски.
Тој додаде: „Народот не сака националистичка психодрама, која ја прават ВМРО-ДПМНЕ и Левицата. Воедно, интерните кампањи што ги прави ДУИ не би ги коментирал бидејќи тие се во процес на своја внатрешна кампања од која излегуваат креативни слогани и дека е дел од нивната интерна политичка кампања, а не во однос на процесите на функционирањето на Владата во целина“.
