Претрес во Скопје, лишени од слобода Tурци и Узбекистанци за фалсификување дозволи за престој и други службени документи
На 21 октомври 2025 година, во 01:30 часот по полноќ, полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија – Скопје при Регионалниот центар за гранични работи Север, заедно со припадници на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, лишиле од слобода шест лица – четворица државјани на Турција и двајца на Узбекистан.
Приведените се А.З. (30), З.А. (26), Е.С.О. (20) и А.У. (51), сите од Турција, како и Н.А.Т. (39) и А.Д.М.У. (27) од Узбекистан. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, тие се сомничат за сторен прекршок по член 212 од Законот за странци и за кривично дело по член 378 од Кривичниот законик.
При извршен претрес со судска наредба во домот на А.З. во скопската општина Чаир, каде престојувале и останатите лица без валидни дозволи за престој, полициските службеници пронашле и одзеле повеќе дозволи за престој на туѓи имиња, пари во различни валути и апоени, печати од приватни фирми и државни институции за кои постои сомнение дека се фалсификувани, лаптоп-компјутери, турски патни исправи на други лица и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Сите лица се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

