| |

Претседателката на Бугарија Илијана Јотова ќе биде домаќин на јубилејниот Самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Софија

На 10 јуни 2026 година, председателката на Бугарија Илијана Јотова ќе биде домаќин на јубилејниот Самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Во Софија ќе биде одбележана 30-годишнината од основањето на форматот за регионална соработка, инициран од Бугарија во 1996 година.

Форумот на високо ниво во Софија претставува завршна фаза од бугарското претседавање со ПСЈИЕ, кое земјата го презеде минатата година од Албанија. На Самитот Бугарија ќе ѝ го предаде претседателството за следната година на Романија.

Претседателката Илијана Јотова во Националниот дворец на културата ќе ги пречека шефовите на делегациите од 12 земји учеснички во ПСЈИЕ и од Советот за регионална соработка. Во Софија за учество на Самитот ќе пристигнат: Денис Бечировиќ – претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина; претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар; претседателот на Албанија Бајрам Бегај; претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ; претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова; вршителката на должноста претседател на Косово Албулена Хаџиу; претседателот на Владата на Молдавија Александру Мунтјану, претседателот на Владата на Србија Ѓуро Мацут, министерот за надворешни работи на Грција Георгиос Герапетритис; министерот за надворешни работи на Турција Хакан Фидан; министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска Гордан Грлиќ Радман; Клара Стаику, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Романија. На средбата ќе учествува и Амер Капетановиќ – генерален секретар на Советот за регионална соработка, кој е оперативно тело на ПСЈИЕ.

Шефовите на делегациите ќе одржат пленарна седница, која ќе ја отвори претседателката Илијана Јотова. На неа ќе биде разгледана декларација по повод 30-годишнината од иницијативата и ќе се одржи дискусија на тема „Зајакнување на регионалното единство за стабилна, безбедна и одржлива иднина“. По завршувањето на Самитот, заеднички изјави за медиумите ќе дадат шефовите на делегациите на т.н. Тројка – Албанија, Бугарија и Романија (претходниот, актуелниот и идниот претседавач со ПСЈИЕ).

Слични Објави