Проф. Ивајло Христов: Идеологијата на Васил Левски ги негува најдемократските вредности на XIX век
Животот на Васил Левски и денес крие бројни неразјаснети прашања, изјави во интервју за БГНЕС проф. д-р Ивајло Христов, автор на книгата „Васил Левски – драмата на изборот“.
Годинава се одбележуваат 153 години од погубувањето на Апостолот на слободата.
Според професорот, идеологијата на Левски претставува олицетворение на најдемократските вредности на бугарскaта Преродба и хуманизмот на XIX век. „Кога зборуваме за неговата идеологија, таа може да се сумира во една реченица – чиста и света република“, истакна Христов.
Тој потсети дека во периодот кога Левски говорел за еднаквост, толеранција и републиканско уредување, во светот постоеле само две републики – Соединетите Американски Држави и Швајцарија. Ропството во САД и крепосништвото во Русија биле укинати дури во 60-тите години на XIX век.
„Левски ги развива своите хуманистички идеи во една провинција на Османлиската империја. И ги развива на ниво што не заостанува зад најголемите европски мислители од епохата“, нагласи професорот.
Според него, животот на Левски може да се спореди со санта мраз – видлив е само делот над површината, додека под неа останува длабока загатка. Иако е најпознатата историска личност во Бугарија, неговата биографија и понатаму содржи многу непознати, вклучително и во однос на фактографијата.
Проф. Христов посочува дека една од најголемите дилеми останува прашањето дали Левски навистина верувал дека бугарскиот народ може самостојно, со сопствени сили, да се ослободи. Постојат и претпоставки дека можеби не бил целосно уверен во таквата можност.
Како причини за овие сомнежи тој ја наведува тогашната моќ на Османлиската империја, недостигот од вооружување во револуционерните комитети, резервираниот однос на Русија, како и сложената меѓународна политичка ситуација во тој период. Според професорот, Левски бил целосно свесен за овие околности и реално ја проценувал состојбата во која дејствувал.

