|

Прогресивниот синдикат на образованието со жестока реакција: Стоилковски да се извини на просветните работници

Прогресивниот синдикат на образованието денеска излезе со жестока на реакција на фејсбук статус од пред два дена на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој се однесува на минималната плата, во кој тој вели „Ако не па наставници после школо да поработат на каса у драгстор?“.

Еве што му порачаа од Синдикатот на Стоилковски.

„Образованието е темелот на секое општество. Образованието го реализираат просветните работници или како вие ги нарекувате наставник. Воспитанието учениците го добиваат од вас родителите. Толку ве воспитале вас па си дозволувате да ги навредувате вашите учители. Но тоа е домашно воспитание, наставникот може само да го подобри ако е добро, но никако да превоспита.

Партија превоспитува, а не наставник, си знаете вие убаво. Можеби е подобро, а сигурно дека е да ги повикате вашите колеги политичари да ги изгласаат законите кои ги кочите, а се во интерес на работниците, а после работно време да поработите во магацините на маркетите и драгсторите со нашите колеги, за да испорачате поквалитетни производи за граѓаните.

Само гледајте политичарите да не наплатат патни трошоци оти на тоа вие и вашите партии ги навикнавте.

Прогресивниот синдикат на образованието и наставници се навредени од вашата објава во врска со нивните примања.

Не сме убедени дека вашите наставници (кои ве образувале и учеле) го делат вашето мислење и пишување по социјалниве мрежи за собирање само на лични поени. Не сме убедени дека вака, тие вашите наставници ве научиле, тие многу подобро ве учеле ама толку сте сватиле за жал.

За да изградиме подобро општество и подобро образование неопходно е да постои почит како од наставниците кон родителите и учениците, така и обратно од општеството кон наставниците. Недоличните коментари на политичарите ја рушат толку неопходната почит и достоинството на просветните работници.

За да се подобри статусот и достоинството на просветните работници ние ги имаме следниве барања:

– Владата да го реализира покачувањето на платата што беше најавено пред почетокот на оваа година, а пратениците да го гласаат без одлагање, како и без одлагање да го изгласаат Законот за трансформацијата на работниот однос за 4.700 наши колешки и колеги од образованието од определено на неопределено време.

– Политичките партии да не ја мешаат политиката во образованието и да го изостават од меѓусебните препукувања.

– Вие Наум Стоилковски да им се извини на просветните работници за искажаната навреда“, се вели во реакцијата на Прогресивниот синдикат на образованието.

Слични Објави