ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „АЛО ТОНЧОВ-БАРДОТ НА ВЕЛЕШКАТА ЧАЛГИЈА“ НА ТРАЈЧЕ МАЛИНОВ
„Ало Тончов – Бардот на велешката чалгија“ е прва книга на м-р по музика професор Трајче Малинов. Промоцијата беше во организација на Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“. Во книгата е претставена чалгијата како музички феномен, автохтона за Велес и Македонија од 19 век па сѐ до денеска.
Покрај општите податоци за чалгијата, во ова стручно книжевно дело, претставен е ликот на Алексо (Ало) Тончов, како врвен инструменталист – виолинист, кој со својата мајсторија на инструментот и чалгиската свирка бил познат и признат во Велес и нашата земја.
Како што појасни Малинов, книгата е со неколку поглавја, општ дел наменет за целата популација, како и стручна обработка на нотни примери, нивна метричка и формална структура.
Покрај пишаниот збор, во книгата на Малинов има бројни фотографии, мелографирани и нотирани примери од песните и ората што се изведувале на свадбите и веселбите, како и мелоритмичка обработка на истите.
