Прото тема: Бугарија ќе стане побогата со влезот во еврозоната
Грчките медиуми го следат напредокот на Бугарија на патот кон еврозоната, истакнувајќи ги економските придобивки за земјата. Весникот Прото Тема објави опсежен напис под наслов: „Бугарија станува побогата со влезот во еврозоната“.
Според објавата, речиси половина милион бугарски компании во моментов користат и евра и лева, а преминот кон еврото ќе им донесе директна економска корист. Грчкото издание го цитира бугарскиот министер за економија, Петар Дилов, кој проценува дека добивката за целиот економски сектор ќе биде околу две милијарди лева. Ист став дели и Васил Велев од Асоцијацијата на индустрискиот капитал.
Прото Тема особено ја истакнува изјавата на министерот Дилов дека еврозоната претставува атрактивна дестинација за странски директни инвестиции, што дополнително ќе го подобри кредитниот рејтинг на земјата и ќе го зголеми националното богатство.
Во текстот се наведува и дека со приклучувањето кон еврозоната, Бугарија ќе стане дел од организација со строги стандарди за борба против корупцијата, како и напредни практики во правосудството и социјалната политика.
Весникот исто така потсетува дека Бугарија е меѓу европските земји со најниска стапка на невработеност, што е дополнителен позитивен показател за економската стабилност на државата.
